Поднесена кривична пријава против лице вработено во АКН: Направил погрешна идентификација на парцела

Поднесена е кривична пријава против Т.А. (49) од Скопје од страна на единицата за економски и компјутерски криминал, поради сомнеж за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Како што велат од МВР, лицето во 2014. година како службеник, вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, постапувајќи по предмет оформен по пријава поднесена од страна на физичко лице М.Ц. од Скопје, која побаралa од АКН да се изврши усогласување на површината на имот во нејзина сопственост за КО Оризари, постапил несовесно при извршување на својата службена должност.

Од ресорното министерство додаваат дека иако требало, тој не ја земал предвид скицата, како дел од службена документација за парцелата, со што направил погрешна идентификација, односно погрешно утврдување на мерите и границите на парцелата која била предмет на пријавата за усогласување на површина, при што изготвил службен наод со невистинити податоци.

„На тој начин Т.А. овозможил на лицето, подносител на пријавата, без правен основ да се стекне со имотна корист – земјиште, со површина од 393 метри квадратни (вредност од 1.965.000 ден.) и истовремено од друга страна, за истиот износ му нанел значителна материјална штета на лицето М.Б. од Скопје, со што го сторил кривичното дело „несовесно работење во службата“, предвидено и казниво по чл.353-в од Кривичниот законик“, се вели во соопштението.

Слични содржини