Поевтино е да се купи отколку да се направи тегла зимница

од Берта Китинска

Изборот меѓу домашно подготвената и купената зимница, македонските домаќинства го решаваат по детално премерување на неколку фактори меѓу кои најважни се цената, времето и трудот. Ајварот кој е традиционално наш највкусен специјалитет претпоставува долг и макотрпен процес на подготовка поради што многумина го избегнуваат и се определуваат за готов ајвар кој може да се купи во продавница.

„Откупната цена на пиперката ајварка за прва и втора класа се движи од 20- 25 денари, додека за екстра класата таа изнесува 35 денари’’, изјави за Локално мк. Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатот на земјоделците од струмичкиот регион. На скопските пазари таа се продава во зависност од квалитетот за 50 до 80 денари за килограм.

Според пресметките, ако се купат пиперки по цена од 50 денари, тогаш за 20 килограми се потребни 1000 денари. На оваа количина се потребни 2 литри зејтин кои чинат 190 денари. Во просек се добиваат околу 8 тегли од 780 грама,што значи дека една тегла ќе чини 149 денари. Од друга страна, во продавниците најефтината тегла ајвар изнесува 130 денари, а најскапиот достигнува 300 денари, и тоа за тежина од 500 грама. Според скопјанката Марија Лазарова која секоја година подготвува ајвар за семејството, и покрај поскапите пиперки домашниот ајвар секако останува поевтината варијанта.

„Иако домашниот ајвар е највкусен, интересот за негова подготовка, особено кај најмладите секоја година е се помал. Процесот на подготовка за нив е мачен, а се поголем проблем е и фактот немањето услови, дворно место, особено по забраните за негова подготовка надвор, пред зградите или семејните куќи’’, вели Лазарова.

Секако, неспорна вистина е дека домашниот ајвар е многу повкусен од купечкиот, па многумина, особено оние со подлабок џеб се подготвени да платат на други лица да им го подготват во домашни услови и по домашен рецепт.

Според земјоделците годинешната цена на пиперката е логична со оглед на високите трошоци за производството.

“Можеби овој износ е голем за купувачите, но за нас производителите и тоа е малку. Поскапа е нафтата, поскапо е се. Трудот веќе никој не го ни цени’’, вели Велков од Сојузот на синдикатот на земјоделците од Струмичкиот регион.

Домаќинствата прават пресметки и за подготовка на сос од чист домат. Откупната цена на индустрискиот домат, на големо изнесува од 20 до 30 денари, а на скопките пазари се купува за околу 50 денари. За три тегли од 780 грама се потребни 5 килограми црвен домат, што значи дека една тегла ќе чини 84 денари.

Во пресметката не влегува цената на нова тегла со капак која изнесува 15 денари, зачините и потрошената електрична енергија. Од друга страна, ваков сос, во зависност од квалитетот и произведувачот може да се купи по цена од 55 до 120 денари.

Слична се пресметките за подготовка на слатко од зрели смокви. Нивната цена на скопските пазари изнесува 100 денари по килограм.Со три килограми смокви и 1,2 шеќер ( 1кг шеќер е 36 денари) се полнат 2 тегли,што значи дека една ќе чини 140 денари. Во пресметката не влегува потрошената електрична енерија и секако времето и трудот. Од друга страна, цената на купечкото слатко од зрели смокви се движи од 120 до 150 денари.

Иако пресметките покажуваат дека генерално, купечката зимница е поефтина варијанта, само мал дел од семејствата се решаваат зимницата да ја купат.„Квалитетот на допашната зимница е неспорен.Сами си го бираме зеленчукот или овошјето кое што ни се допаѓа. Подготовката е во домашни услови, наспроти индустриската. Од друга страна, купечката зимница или слатки од разни овошја содржат конзерванси, вештачки бои, адитиви’’, вели Лазарова која е меѓу се поретките домаќинки која секоја година сама ги подготвува сите специјалитети. Секако, конечниот избор го прави секое домаќинство, водејќи се од сопствени проценки и желби.

К.В.С.

Слични содржини