Поповиќ: Политичките партии се најголемиот проблем во борбата со корупцијата

од Vladimir Zorba

Потребна е поголема едукација на младите за да ја препознаат корупцијата и активно да делуваат во борбата против корупцијата – не постои промена на општеството без практично делување, вели Миша Поповиќ, проектен координатор во Институтот за демократија во подкастот на Младинскиот сојуз кој се спроведува во рамки на Проектот „Leaders (DO NOT) cheat“. Поповиќ, кој според анализата на Младинскиот сојуз, младите го препознаваат како шампион во борбата против корупција и секогаш гласен коректор на коруптивните појави во земјава вели дека Македонија е земја со изразени ризици од висока корупција и земја која има значителна пракса на корупција, дури и на секојдневно ниво што доста влијае и врз младите.

„Корупцијата влијае врз младите на многу начини, како што влијае и врз другите делови од населението. Но, она што е значајно за младите е дека креира чувство на безизлезност, односно кога младите преминуваат од студенти или средношколци во сфера на барање работа, на интеракција со институции, на интеракција со системот тие се соочуваат со еден таков ѕид и го доживуваат на своја кожа она за кое претходно додека растеле слушале дека не функционира. Тоа ја урнисува довербата која младите ја имаат во институциите.“, вели Поповиќ.
Според него, довербата во институциите и државата е важна за младите да останат овде и важна за развојот на една земја, бидејќи демократските земји почиваат токму на состојба во која граѓаните имаат доверба во институциите.

„За да почитувате правила, за да мислите дека државата треба да ви наметне повисоки даноци, или како треба да се развива во иднина во голема мера зависи од довербата која граѓаните ја имаат во институциите и политичарите. Развојот на земјата зависи од поддршката од граѓаните, а таа доверба се гради ако државата им испорачува услуги на граѓаните. Ако тие се задоволни, имаат добро образование, перспектива, шанса да најдат работа, чист воздух, функционален здравствен систем тогаш тие ќе се согласат кога државата ќе рече сега мора да штедиме, сега мора да плаќате повисоки даноци или сега ќе се опуштиме – сето тоа зависи од довербата,“ категоричен е Поповиќ.

Тој додава дека токму поради недоверба и недостаток на имплементација на овие сегменти младите во земјата се разочарани поради што се селат или пак поддржуваат демагози и популисти, што не води кон развој и се губи нивната додадена вредност во демократизацијата на општеството.

Слични содржини