Поранешната премиерка на Украина му порача на Зеленски: „Понудете план Б за победа“

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешната премиерка на Украина денеска му се обрати на претседателот на Украина и побара на Украинците да им се претстави поинаква стратегија и повика на мобилизација на припадниците на безбедносните сили на земјата.

Поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко, денеска го повика претседателот на Украина, Володимир Зеленски, да им го претстави на Украинците таканаречениот план Б, кој треба да ја изведе земјата од „тешката и прилично трагична ситуација“.

„Сакам да му се обратам на претседателот и да го прашам. Да, денес сите сме за победа, за Украина, за територијален интегритет. Но, на Украина ќе ѝ биде многу тешко да води долготрајни војни како оваа што се води денес. И затоа го замолувам претседателот: Понудете на земјата план Б за нашата победа. Понудете излез од оваа тешка, прилично трагична ситуација. Покажете го вашето лидерство. Мора да дејствуваме јасно, рационално, стратешки и победнички. И да не влегуваме во слеп агол, ако тоа некому му се допаѓа“, изјави Тимошенко во видеото што го пренесоа украинските медиуми.

Таа не посочи каков би можел да биде тој план Б. Од друга страна, познато е дека „планот А“ на Зеленски предвидува продолжување на борбите до враќање на границите од 1991 година и неподготвеност да се преговара со Москва за каков било прекин на огнот додека на власт е рускиот претседател Владимир Путин.

Покрај тоа, Тимошенко предложи да се испратат членови на сите безбедносни структури во земјата на фронтот – од полицијата и државното обвинителство, преку други агенции за спроведување на законот, бидејќи сите тие знаат да користат оружје и „знаат да се борат“. Според нејзината проценка, ова е подобро отколку да се намали возраста за мобилизација од 27 на 25 години.

Слични содржини