Потпретседателката на Европскиот парламент останува во притвор под сомневање за корупција

од Nikola Popovski

Белгиското федерално обвинителство соопшти дека задржало во притвор четири од шесте лица приведени во петокот, како дел од истрагата за корупција во Европскиот парламент.

Неименуван судски извор за Франс прес изјави дека се приведени потпретседателката на ЕП, Гркинката Ева Каили и уште три лица.

Федералното обвинителство на Белгија не именува ниту еден од шестмината првично приведени во последните 48 часа, од кои двајца беа ослободени од судија.

Обвинителот од Брисел ги обвини четворицата приведени за „припаѓање на криминална организација, перење пари и корупција“, соопшти белгиското федерално обвинителство.

Потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, беше уапсена во петокот во Белгија, поради обид на „заливска држава“ да влијае на економските и политичките одлуки на Европскиот парламент и поради обвинувањата за корупција и перење пари.

Според медиумите, Катар е земјата која ја поткупила Каили.

Извршени се 16 претреси и петмина приведени, а одземени се 600.000 евра готовина и мобилни телефони.

Судски извор изјавил дека Ева Каили не можела да го искористи пратеничкиот имунитет бидејќи во петокот била фатена на дело. Извор ги потврди медиумските извештаи дека Каили со себе имала „вреќа со пари“ во петокот вечерта кога била приведена од белгиската полиција.

Освен тоа, синоќа е извршен претрес во домот на друг европратеник, извести обвинителството.

Во петокот вечерта беше претресен домот на грчкиот европратеник Каили.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола синоќа и ги одзеде сите делегирани задачи на Ева Каили, вклучително и нејзиното претставување на Блискиот Исток.

Левичарските европратеници, вклучително и екологистот Филип Ламбертс во име на групата на Зелените во ЕП, побараа оставка од Каили, која веќе беше исклучена од грчката социјалистичка партија ПАСОК во петокот навечер.

Од оваа година, Ева Каили е една од четиринаесетте потпретседатели на Европскиот парламент, во кој е пратеник од 2014 година.

Слични содржини