Потребен е консензус од поголемите партии за да се укине пржинската влада, вели Џафери

од Берта Китинска

За предлогот за укинување на „пржинската влада“ кој веќе е поднесен во Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според претседателот на Собранието Талат Џафери, не е проблемот кога ќе се стави на собраниска седница туку е потребно да се обезбеди консензус од поголемите политички партии.

Во гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител вечерва тој посочи дека и до таквиот модел на влада се дојде со процесот за надминување на политичката криза во 2015 и 2016 година и оти тој договор беше условно кажано постигнат надвор од Собранието помеѓу четирите поголеми политички партии во тоа време.

„Имавме координација минатиот понеделник, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ излезе со укажување дека тие подготвиле предлог-закон и ќе го пуштат во постапка. Укажав дека тој предлог-закон во секоја смисла треба да ја има и поддршката низ потпис на координаторите како што впрочем и пред неколку години го имавме со соодветните потписи. Но, не чекале тоа да се усогласи така, туку го пуштиле. Ако имало консензус опозицијата требало да чека тој консензус да се изразува и низ потписите на другите координатори од поголемите политички партии“,рече Џафери.

Тој очекува предлог-законот за укинување на „пржинската влада“ да се најде на дневен ред откако ќе биде преведен на албански јазик од собраниските служби.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека моделот кој произлезе од пржинскиот договор за 100 дена Влада пред избори во која учестувуваат министри од опозицијата е нефункционален.

Партијата вчера до Собранието достави предлог-измените на законот за Влада во Собранието.

– Со овој предлог на закон, ние предвидуваме и бараме бришење на одредбите од законот за начин на избор на влада кои предвидуваат 100 дена пред одржувањето на парламентарни избори да се избере нова, преодна влада.Во овој момнет кога се акутелни неколку криз Македонија не смее да губи ниту ден, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Поддршка за брза процедура ВМРО-ДПМНЕ засега доби само од БЕСА.

СДСМ не верува дека опозицијата поднесува безусловен предлог-закон. Бараат најпрво да се постигне конзенсус од четирите најголеми политички партии, исто како што беше и договорено да се воведе техничка Влада во 2015та.

-Со оглед на тоа што избори ќе има во 2024та година, има време да се разговара за измени на Законот за Влада, кажа координаторот на СДСМ Митрески.

Слични содржини