Повик за субвенции за чистење оџаци: Скопјани од денеска може онлајн да аплицираат

од Берта Китинска

Град Скопје денеска го објави јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Новитет на овој повик е можноста граѓаните да аплицираат онлајн, велат од Град Скопје.

– Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2021 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување  на средствата во износ од  милион денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година – информира Градот.

Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет врска – https://skopje.gov.mk/media/6729/javen-povik-cistenje-odzaci-2021.pdf

Целта на овој проект што Град Скопје континурано го реализира е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување, употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Познато е дека запуштените и неисчистени оџаци се голема опасност. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Се препорачува оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.

Слични содржини