Познати финалистите на ФИФА за Тренер на годината!

од Vladimir Zorba

Европскиот шампион на Италија, Роберто Манчини, менаџерот на освојувачот на Лигата на шампионите, Челси – Томас Тухел, и на англискиот шампион на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола се финалисти за наградата Тренер на годината на ФИФА.

Откако во средата ги објави финалистите за најдобар голман и најдобра голманка во изминатата година, ФИФА денеска ги објави и конечните кандидати за тренер во машката и женската селекција.

Во машка конкуренција, последните тројца номинирани за најдобар тренер се Италијанецот Роберто Манчини кој ја освои европската круна на кормилото на „азурите“, потоа Германецот Томас Тухел, кој со Челси ја освои Лигата на шампионите и Шпанецот Пеп Гвардиола кој го освои англискиот шампионат со „граѓаните“, Лига купот, и стигна до финалето на Лигата на шампионите.

Во женскиот фудбал финалистите се Шпанката Луис Кортес (Барселона), Англичанката Ема Хејс (Челси) и Холанѓанката Сарина Вигман (холандска/англиска репрезентација).

Во средата ФИФА ги објави кандидатите за најдобар голман и најдобра голманка во изминатата година.

Во машка конкуренција номинирани за најдобар голман се голманот на европскиот шампион на Италија Џанлуиџи Донарума, голманот на победникот во Лигата на шампионите Челси – Сенегалецот Едуард Менди и голманот на германската репрезентација и Баерн, Мануел Нојер.

Во женска конкуренција ќе се натпреваруваат Германката Ан-Катрин Бергер (Челси), Чилеанката Кристијане Ендлер (Пари Сен Жермен / Олимпик Лион) и Канаѓанката Стефани Лин Мари Лабе (Розенгард / Пари Сен Жермен).

ФИФА во петок ќе ги објави и имињата на тројцата кандидати за наградата играч на годината во двете конкуренции.

Прогласувањето на наградата „Fifa the Best“ е закажано за 17 јануари во Цирих.

Слични содржини