Пратениците трети ден во низа на маса го имаат Предлог-законот за попис

Трет ден во Собранието ќе продолжи расправата за Предлог-законот за попис.

Имено, во изминатите два дена, пратенциите ги покажаа своите спротивставени ставови, најмногу задржани на тоа дали на земјава токму оваа година и е потребен пописот и дали оваа операција навистина ќе биде статистичка или пак, политичка.

Како што посочија пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ, пописот е политички договор и пазарење меѓу СДСМ и ДУИ за опстанок на коалицијата и за задоволување на внатрепартиските барања, со однапред утврден исход, како и алатка за демографски и етнички инженеринг, а резултатите што ќе се добијат од него, нема да бидат релевантни, ниту ќе ја отсликуваат реалната состојба во државата. Предлог-законот, смета опозициската партија, е со низа недоследности, во него не се вметнати регулативите и стандардите на ЕУ и Евростат, поради што треба да се повлече и да се отвори широка јавна дебата со цел постигнување општествен консензус.

„Законот предвидува попишување државјани, а не резидентно население, не ги содржи методологијата и компаративните бази на податоци и овозможува давање податоци само со усмено кажување на матичниот број“, стои во дел од забелешките пратени од ВМРО ДПМНЕ.

За владејачката СДСМ пак, Предлог-законот што треба да се донесе по скратена постапка е транспарентен и објективен, а неговото донесување е од суштинско значење. Пописот ќе го спроведе Државниот закон за статистика (ДЗС) и ќе овозможи релевантни податоци врз основа на кои ќе се креираат равојни, долгорочни политики и стратегии.

Инаку, како што е познато, согласно законот, пописот треба да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, а со него ќе бидат опфатени и лицата кои работат надвор од државата.

Од ДЗС најавуваат дека пописот ќе биде спроведен согласно стандардите на Обединетите нации и Евростат. Планирано е постапката да заврши за шест месеци и да чини вкупно 8,5 милиони евра.

Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година, а најавениот попис во 2011 година не се реализира.

Слични содржини