Претседателката на Грузија: Ќе го надминете бугарското вето, реализмот ќе победи

од Nikola Popovski

„Ние не сме во ЕУ и за нас е многу тешко да ги коментираме настаните, односно кои треба да бидат процедурите за донесување одлуки во ЕУ. Сепак јас сум оптимист и ќе се свртам во минатото кога вие веќе надминавте веќе едно вето од Грција за влез во НАТО. Затоа сега сум сигурна дека реализмот ќе победи и овие вета немаат сериозна политичка подлога“, вели грузиската претседателка, Саломе Зурабишвили во интервју за ТВ Сител.

Според неа, овој спор што го имаме со Бугарија нема да трае долго и посакува брза разрешница за пристапните преговори со ЕУ.

„Мислам дека мнозинството во ЕУ ќе има некое влијание врз конечната одлука“, смета Заурабашливи и дополнува дека фактот што С. Македонија минатата година стана членка на НАТО е битно за Грузија, што значи дека политиката на отворена врата, која се промовира, е навистина таква.

Во рамки на официјалната посета на претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили на Северна Македонија, таа и нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје.
Претходно, во претседателскиот кабинет, претседателот Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Грузија, по што се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на официјалните делегации, а беа потпишани Спогодба меѓу Северна Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу македонското Министерството за култура и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија.

Слични содржини