Актуелно
Почетна / Бизнис / Презентација на македонските туристички потенцијали на Белградски саем на туризмот

Презентација на македонските туристички потенцијали на Белградски саем на туризмот

Во организација на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, заедно со агенциите и хотелиерите денеска во Белград на 42. меѓународен саем на туризмот, каде се петставени 40 држави и 900 учесници, беа презентирани македонските туристички потенцијали, јави дописникот на МИА.

Покрај природните убавини, Скопје и Охрид, на српските туристи годинава им се нудат и туристичките потенција долж патниот правец Е-75, националните паркови, гастрономијата и винските тури, со што и годинава очекувањата се да продолжи трендот на зголемување на српските туристи во нашата држава.

-Растот на српските туристи е во рамките на очекувањата. Комплетно целиот туристички сектор има раст од 3 -5 проценти и нешто поголем е бројот на ноќевања. Очекувам дека и оваа година српските туристи во поголем број ќе не посетат и нивниот раст ќе биде двоцифрен, што го очекуваме и за целата Адриатик регија, а фокусот ќе биде насочен и кон српскиот пазар, изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

За разлика од Србија, која со појавата на кинескиот коронавирус веќе бележи пад од 60 проценти на кинеските туристи, македонскиот туризам не е погоден од оваа епидемија.

-Ние не сме толку изложени на кинескиот пазар и општо на азискиот пазар, досега имавме визна либерализација со кинескиот пазар и поради тоа тие ја избегнуваа нашата дестинација. Мислам дека во регионот најголем удар ќе осетат Словенија, Хрватска и Србија, затоа што во овој дел од Адриатик регијата има во просек годишно 350.000-400.000 кинески туристи, изјави Љупчо Јаневски.

Годинава на српскиот пазар поактивно се презентираше и општината Крушево, кое како што изјави градоначалникот Томе Христовски преку традицијата, историјата и како авантуристичка и бренд дестинација со четири сезони сака да го надмине ланското зголемување на туристи од 70 проценти.

-Крушево годинава имаше светско првенство за параглајдерство, има голем број патеки за велосипедизам, авантуристички парк и карпа за болдеринг. Ова севкупно значи поголем раст и развој на општината и се поголем број на туристи. Крушево само за една година бележи раст од 70 отсто на зголемена посетеност, а во првиот квартал од 2020 за разлика од лани имаме за 30 проценти зголемена посетеност. Општината е должна на туристите да им овозможи подобра инфраструктура и подобри услови за престој и наша цел е туристите да престојуваат еден ден повеќе, што би значело подобра туристичка такса, а со тоа и раст и развој на Крушево, изјави градоначалникот Христовски.

Белградскиот саем на туризмот е еден од најголемите саеми во регионот, кој во просек секој година го посетуваат над 70.000 потенцијални туристи, тур оператори, хотелиери и други туристички работници.

loading...