Пристигнаа кинеските вакцини, Филипче ќе се вакцинира следната недела за да даде личен пример

од Берта Китинска

Со пристигање на вкупно 200.000 вакцини на „Синофарм“, по велигденските празници и официјално ќе започне масовна имунизација на населението.

Граѓаните треба да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука се генерираат приоритетите. Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Тој најави дека ќе се вакцинира следната недела.

-Сакам да ги уверам граѓаните дека кинеските вакцини се безбедни и затоа ќе дадам личен пример. Ќе се вакцинирам следната недела. Сите вакцини се безбедни, па затоа нема потреба да се става акцент на тоа да се бира вакцина, бидејќи сите се со еднаков квалитет. Каква вакцина има во пунктот во тие часови кога е предвидено да се вакцинираат граѓаните тоа да го направат без да бидат загрижени и да размислуваат дали да се вакцинираат со една или со друга вакцина, рече Филипче.

Вакцините „Синофарм“  најдоцна  во понеделник ќе бидат дистрибуирани во сите вакцинални пунктови за масовна вакцинација ширум државата, во Скопје во салата „Борис Трајковски“, како и во Куманово, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, исто така во спортските сали, според распоредот на веќе пријавени граѓани. Пунктови во спортски сали ќе се отворат и во Велес и Прилеп. Според неговите најавите на Филипче дневно ќе се вакцинираат по 10 до 15 илјади луѓе.

Досега се вакцинирани вкупно 60 000 граѓани, а надлежните најавуваат дека од следната недела дневно ќе се вакцинираат по 10 000 граѓани, без да се создаваат гужви.

Слични содржини