Проф. Цицонков: Македонија ќе остане без природен гас ако престане снабдувањето преку приклучокот низ Бугарија

од Vladimir Zorba

Стравувањата дека Македонија , исто како и низа  други држави може да остане без гас според професорот д-р Ристо Цицонков, се сосема оправдани. Неизвесноста со којашто се соочува нашата држава во оваа сфера ја образложува со фактот дека имаме само еден приклучок низ кој доаѓа руски гас преку Бугарија.

„Ако престане снабдувањето преку тој приклучок, Македонија ќе остане без гас. Во таков случај ќе треба да се оди на употреба на мазут таму каде што има технички услови за тоа (на пример во топланите)“, вели Цицонков во интервју за „Локално“.

Проблемот според него особено ќе стане видлив кај индустриските капацитети кои немаат друга алтернатива освен гас, посочувајќи ги како пример  фабриките во новите технолошко индустриски развојни зони.

„Можеби некои од нив ќе инвестираат во дополнителна опрема со резервоари за течен гас кој ќе треба да испарува, па да се користи. Се разбира, некои фабрики можеби ќе паузираат со работа, а постои веројатност од отпуштање на работници“, објаснува Цицонков.

Како дополнителни проблеми во севкупната неизвесност во однос  на снабдувањето со гас ја посочува и дилемата дали фирмите добавувачи на гас имаат склучени долгорочни договори (со Газпром), но и острите реакции кон Русија од страна на наши официјални политички претставници.

„Друга препрека може да биде несоодветната политика на нашата Влада, а тоа е да не се истрчува (непотребно) со непријателски изјави кон Русија“, оценува Цицонков.

Во вакви услови, како единствен логичен заклучок се наметнува фактот дека моментално Македонија нема други алтернативи за снабдување со гас, што е според Цицонков  резултат на слабоста на стратегијата за енергетски развој.

Најавите за сопирање на можноста за купување руски гас од 1 август, ја доведува германската енергетска криза до точка на вриење. ММФ предупреди дека руското гасно ембарго ќе доведе до рецесија во неколку европски земји, индустријата наместо на течен природен гас ќе мора да се префрли на нафта, а граѓаните ќе се вратат на греење со дрва. Како ги коментирате ваквите случувања? 

-Република Македонија не треба (и не може) да се угледува на Германија. Германија е економски многу појака држава и има голем финансиски потенцијал (иако има криза). Во даденава ситуација со редуцирана (не е прекината) испорака на природен гас и нафта од Русија има на располагање многу можности. Бидејќи неодамна затвори и во фаза на затворање се неколку термоцентрали на јаглен, истите ќе ги активира повторно. Во фаза на затворање се неколку нуклерни електрани, но и тоа ќе го одложи. Од пред извесно време почна да ги полни сите резервоари на гас и нафта со кои може да издржи неколку месеци. Планира да ги зголеми капацитетите на терминалите за течен гас кој што има повисока цена, но тоа не е проблем за Германија. Значи Германија треба само да ја разработи логистиката за транспорт, складирање и снабдување во нешто изменета ситуација. Нормално, ќе се јават некои мали проблеми, но тие проблеми нема да бидат катастрофални како што се очекуваат во посиромашните држави.

Во колкава мера манипулацијата со испораките на природен гас ќе ги влоши состојбите во економска смисла на зборот? 

-Ситуацијата со испораките на природен гас во светот ќе влијае различно во разни делови и држави во светот. Денес на големо се зборува за проблеми во врска со снабдувањето со природен гас, но досега немало класичен прекин на испораките. Во принцип гас има, ама цената е многу висока, а за транспортот се наоѓаат алтернативни решенија. Нормално, повисоки цени на енергенсите влијаат на економијата, односно на рентабилноста.

Што ќе биде следно по намалување на количините гас за Европа? 

-Дали ќе има или не намалување на количините гас за Европа е неизвесно. Ако има намалување, секоја земја ќе бара решение во рамките на локалните и регионалните услови и околности. Делумно ќе се вратат во употреба јагленот, нафтата и мазутот. Со изградба на нови интерконектори ќе се приклучат на други снабдувачи со гас. Веќе се градат нови терминали за течен гас во кои ќе доаѓа гас и од многу далечни земји.

Како ќе се надмине предизвикот што претстои , како ќе се надополни празнината што се отвора во снабдувањето со гас? 

-Тука сакам да нагласам дека природниот гас не е еколошко гориво, јавноста кај нас има погрешна перцепција. Природниот гас е фосилно гориво така што при неговото согорување се ослободува јаглерод-диоксид кој што е главен причинител на глобалното затоплување на земјата, односно климатските промени. Некои понапредни земји веќе донесоа прописи за негова забрана во системите за греење по 2025 година. Значи, може да кажеме дека тоа е транзиционо гориво кон обновливи извори на енергија.

Колку ваквите европски случувања ќе се одразат на снабдувањето со гас во Македонија? Дали треба да стравува македонското  стопанство и граѓаните пред почеток на зимата?

-Снабдувањето со гас на Македонија има елементи на неизвесност од неколку аспекти. На прво место е фактот што Македонија има само еден приклучок низ кој доаѓа руски гас преку Бугарија. Ако престане снабдувањето преку тој приклучок, Македонија ќе остане без гас. Во таков случај ќе треба да се оди на употреба на мазут таму каде што има технички услови за тоа (на пример во топланите). Но не сите корисници, особено во некои индустриски објекти, ја имаат таа алтернатива. Во врска со греењето на домовите (куќи, згради), тие немаат приклучок на гас, што значи ќе се загреваат на начин како и досега.

Кои се препреките со кои ќе се соочат македонските институции во делот на обезбедување доволни количини природен гас?

-Првата препрека е високата цена на гасот. Исто така, дали фирмите добавувачи на гас дали имаат склучено долгорочни договори (со Газпром) и по која цена? Друга препрека може да биде несоодветната политика на нашата Влада, а тоа е да не се истрчува (непотребно) со непријателски изјави кон Русија. Моментално Македонија нема други алтернативи за снабдување со гас. Тоа е резултат на слабоста на стратегијата за енергетски развој на РМ.

Кои индустрии во Македонија се директно изложени на намаленото снабдување со гас? Кои дејности  можат да бидат изложени на ризик и колку тоа ќе го забави растот на  економијата? Дали ќе ги доведе во прашање работните места?

-Оние индустриски објекти кои што преминаа од мазут или нафта на гас најверојатно имаат технички услови да се вратат назад ако снема гас. Но има многу индустриски објекти, особено поново изградените, кои немаат друга алтернатива освен гас. На пример, такви се фабриките во новите технолошко индустриски развојни зони. Можеби некои од нив ќе инвестираат во дополнителна опрема со резервоари за течен гас кој ќе треба да испарува па да се користи. Се разбира, некои фабрики можеби ќе паузираат со работа, а постои веројатност од отпуштање на работници.

Дали треба да се воведат мерки за штедење и кои треба да бидат тие? Секојдневно сме сведоци дека европските држави на големо го информираат населението како повеќе да штеди.

-Мерки за штедење на енергија се преземаат веќе 30-тина години заради борбата против климатските промени. Познато е дека производството на енергија се одвива главно со согорување на фосилните горива (јаглен, нафта, гас) при што има емисии на СО2, а тој гас е главен причинител на ефектот на стаклена градина. Но во сегашнава енергетска криза мерките за штедење енергија се интензивираат. Ова е многу широка тема, а читателите можат да најдат многу детали за ова во книгата “Енергија – Како да се заштеди“ што јас ја имам напишано во 2008 година.

Дали целата ситуација со неизвесното повторно активирање на гасоводот Северен тек и известувањето од Газпром дека не може да гарантира снабдување со гас поради вонредни околности, на одреден начин ќe се рефлектира и врз Македонија и нејзината економија? 

-Гасоводот Северен тек 1 е во привремен прекин поради ремонт на една голема турбина. Според официјалното соопштение прекинот ќе трае 10 до 15 дена. Тука има и политичко тактизирање бидејќи некои велат дека гасоводот нема да се активира како што се очекува. Во секој случај, ако индустријата во Германија, особено автомобилската, е во застој, тоа ќе се рефлектира и на македонската економија бидејќи кај нас има фабрики кои се добавувачи на германски фабрики.

К.В.С.

Слични содржини