Расте бројот на жртвите во поплавите во Грција

од Radmila Tasevska

Од куќа во селото Астрица во близина на грчкиот град Кардица, еден од најпогодените региони, беа извлечени безживотните тела на две жени, со што бројот на загинати во поплавите во Грција, предизвикани од невремето „Даниел“ се зголеми на шест лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Неофицијално, исчезнати се најмалку шестмина, од кои четворица се странски државјани, од Австрија и Германија.

Од попладнево во тек се низа спасувачки акции по копно, вода и од воздух, кои ги водат противпожарната и крајбрежната служба и припадници на армијата.

Спасувачки тимови од крајбрежната служба со гумени чамци „пловат“ по улиците кои се претворени во реки во селото Астрица и одат од куќа до куќа за да ги евакуираат жителите, заглавени во нивните домови.

Припадници на армијата, спасуваат со хеликоптери и булдожери, додека пак од плажите во крајбрежниот дел на областа Магнисиа со помош на чамци на крајбрежната служба, на безбедно биле пренесени над 200 лица.

Неколку села и помали градови во околината на Кардица во централна Грција се целосно поплавени, а жителите, засолниште најдоа на крововите на домовите во исчекување на помош.

Слични содржини