Разочараност и збунетост кај бугарското МНР откако Ковачев се пожали дека му бил забранет влез во Македонија

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува силно разочарување од, како што велат, одлуката на македонските власти да преземат активности за оцрнување на свечената прослава на Ѓурѓовден на 6 мај, со тоа што одбиваат да им дозволат влез на бугарскиот член на Европскиот парламент, Андреј Ковачев, претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски и уште тројца бугарски државјани.

Од бугарското МНР велат настанот по повод празникот традиционално со години се организира во Ново Село, Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“ преку свеченост на бугарските воени гробишта со панихида.

-Првата година, церемонијата вклучуваше заедничка богослужба меѓу двете православни цркви, на која присуствуваа претставници на воено-дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и студенти од Бугарија. Бугарските воени гробишта во Ново Село се едно од 471 бугарски воени гробишта на територијата на Северна Македонија, кои беа обновени  токму со средства на Фондацијата „Бугарска меморија“. Причините за одбивањето, поточно издадената забрана за влез во Северна Македонија, предизвикуваат конфузија, велат од Софија.

Бугатското Министерство за надворешни работи бара прекин на „провокациите кон Бугарија, Бугарите и кон претставниците на европските институции“.

-Бугарската страна ќе го покрене ова прашање официјално пред властите во Северна Македонија и со нашите меѓународни партнери, бидејќи настаните од слична природа имаат негативно влијание врз добрососедските односи и напорите на бугарската страна насочени кон враќање на довербата и создавање позитивна клима за развој на билатералните односи, стои во реакцијата на бугарската официјална дипломатија.

Слични содржини