Резултатите од вештачењата за автобуската несреќа во Бугарија ќе се знаат викендов

од Берта Китинска

Бугарските истражни служби најавија дека резултатите од вештачењата – судско-медицинското, техничкото и пожарно-техничкото за автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 лица би можело да бидат готови и до 25 декември.

Шефот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, пред извесно време кажа дека досегашните анализи покажувале дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен.

– Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 километри на час. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач, рече Сарафов.

Тој вели дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките. Појасни дека можеби придонеле, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина. Сепак, Сарафов посочи дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите”.

Досега истрагата покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.

Од македонските институции по несреќата излегоа информации дека автобусот со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници. Не бил заведен ниту во документацијата на Министерството за транспорт и врски. Имаше и информации дека возачите на изгорениот автобус не биле вработени, едниот немал ни сертификат за професионална компетентност. Сите тие информации ги истражува обвинителството. Засега за случајот суспендирани се двајца цариници оти не го евидентирале излезот на автобусот од земјата, а нивниот раководител ќе биде санкциониран.

Компанијата, чиј автобус изгоре пред еден месец во Бугарија, приложувала изводи од лиценци за автобусот, но најверојатно се прикажувале невалидни или фалсификувани документи, рече пред една недела директорката на Царина, Славица Кутиров на прес-конференција во Сојузот на синдикати.

-Имаме детална евиденција дека истиот автобус повеќе од 120 пати е евидентиран во нашиот систем вклучувајќи и број од извод од лиценци за кои секојдневно се зборува дека не биле евидентирани. Кај нас се евидентирани и најверојатно се приложувани одредени фалсификувани или невалидни документи. Но, за тоа истрагата е веќе во рамки на Јавното обвинителство и повеќе детали во следниот период тие можат да кажат, рече Кутиров.

На автопатот Струма кај Перник загинаа 45 македонски туристи, меѓу кои 12 деца. Најмладите патници во автобусот се близначиња кои имале по четири години, додека најстариот е на 63-годишна возраст.

Слични содржини