Русите ги тресе крипто-треска

од Vladimir Zorba

Вкупниот годишен обем на трансакции со криптовалути извршени од руски граѓани во 2021 година изнесува пет милијарди долари, покажуваат најновите податоци на Руската централна банка.

Во новиот извештај за финансиската стабилност, рускиот монетарен регулатор наведува, повикувајќи се на истражување спроведено во јули меѓу најголемите домашни банки, дека Русите се меѓу најактивните учесници на светските пазари за криптовалути, вклучувајќи ги и нивните активности на берзата за криптовалути Binance.

Експертите на централната банка укажаа на ентузијазмот на инвеститорите за нови технологии, како што се блокчејн, паметни договори, децентрализирани финансии и стабилни монети (дигитални валути кои се потпираат на државната валута или злато).

Сепак, Банката на Русија во извештајот ги истакна големите ризици поврзани со крипто индустријата и рече дека внимателно ќе го следи пазарот.

„Односот меѓу дигиталните валути и финансискиот сектор засега останува ограничен. Брзиот раст и широкото прифаќање на дигиталните валути би претставувале зголемен ризик и на глобално ниво и на рускиот финансиски пазар“, проценува Банката на Русија.

На почетокот на оваа година, централната банка ги предупреди луѓето да се држат настрана од активностите со криптовалути, истакнувајќи дека тоа носи ризик, особено за оние на кои им недостасува знаење во областа.

Слични содржини