Руте утре во посета на Скопје

од Берта Китинска

Холандскиот премиер Марк Руте утре ќе престојува во посета на Северна Македонија.

Ова е прва посета на холандски премиер на државава, а се случува во момент кога земјата е соочена со политичка криза и ден пред гласањето доверба на Владата. Руте доаѓа во Скопје и во време на блокада од Бугарија на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Во однос на прашањето за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, Холандија се смета за држава која се залага за „строг, но фер пристап“, инсистирајќи пред се на владеење на правото и борба против криминалот и корупцијата.Последната изјава на Руте за земјава беше дадена на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо, Словенија, кога се заложи за што побрзо отворање на пристапниот процес.

„Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија сè уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме сè што можеме за тоа да се случи“, изјави Руте во Брдо минатиот месец.

Слични содржини