„САД ќе го водат светот, нема да се повлечат од него“

од Vladimir Zorba

Соединетите држави се подготвени да го водат светот, изјави во вторникот новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден, претставувајќи го дипломатскиот и националниот тим за безбедност на неговата идна влада.

„Тоа е тим што го рефлектира фактот дека Америка се врати, подготвена да го води светот, а не да се повлекува од него“, рече тој во Вилмингтон, алудирајќи на пресвртот во надворешната политика, пренесе „Франс прес“.

Новоизбраниот претседател ја повтори својата решеност да се бори против климатските промени, претставувајќи го својот иден специјален пратеник за ова прашање, Џон Кери.

„Сакам да бидам јасен. Ниту за секунда не ги потценив тешкотиите во исполнувањето на моите смели заложби за борба против климатските промени. Но, во исто време, никој не треба да ја потценува за секунда мојата решеност да го сторам тоа“, рече Бајден.

„Треба да работиме со други земји“

Кери ја повика меѓународната заедница да биде поамбициозна во борбата против климатските промени, што е еден од приоритетите на Бајден.

Идниот министер за надворешни работи Антони Блинкен на истиот собир рече дека ќе се залага за меѓународна соработка во решавањето на светските проблеми.

„Не можеме сами да ги решаваме светските проблеми, мора да работиме со други земји“, рече дипломатот назначен од Бајден, истакнувајќи ја потребата од „соработка“ и „партнерство“ со странски земји.

Пред присутните се обрати и идниот американски амбасадор во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, која рече дека мултилатерализмот се вратил во САД.

„Сакам да кажам дека Америка се врати, мултилатерализмот се врати и дека дипломатијата се врати“, рече таа.

Слични содржини