СДСМ донесе одлука да продолжат разговорите со Алијанса, формирана работна група

од Nikola Popovski

Претседателот на партијата Димитар Ковачевски информираше за разговорите со претседателот на Алијанса околу програмскиот дел на можната соработка. Заедничка оценка е дека Алијанса го поддржува концептот за европска Македонија, а со тоа и директно да придонесат кон остварувањето на стратешките, национални и државни интереси за спроведување на реформите и сите потребни чекори за членство во ЕУ преку директно учество, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ за денешниот состанок на Извршниот одбор на владеачката партија.

Кузеска потенцира дека извршниот одбор едногласно одлучил, партијата да ги продолжи разговорите со Алијанса врз основа на политички и програмски принципи.

-За понатамошните разговори со Алијанса, ИО на СДСМ одреди Работна група во која покрај претседателот ќе учествуваат и: Миле Зечевиќ – генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски – член на Централниот одбор и Јован Митрески – координатор на ПГ на СДСМ, информира Кузеска пред медиумите после состанокот.

Ова следува откако денеска премиерот Ковачевски оствари средба со Таравари во Владата. Претседателот на АА најпрвин информираше дека околу 90% од програмските определби на партијата се сихронизирани со премиерот.

-За кадровските решенија воопшто не зборувавме. Се надевам дека во следните денови ќе ја отвориме и таа тема. Се задржавме во програмските определби на нашата партија и Владата, кои што треба да ги истераме заедно во мандато, рече Таравари после разговорите во Владата.

Ковачевски пак изјави дека во најголем процент од политичките определби се усогласиле со лидерот на Алијанса..

-Разговаравме најпрвин за текот на скрининг процесот кој државата го има со ЕУ, за претседавањето со ОБСЕ, за стратешкиот дијалог кој го водиме со САД и акциониот план кој се подготвува од Влада и зборувавме за можното проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците. Не разговаравме за кадровски решенија, рече Ковачевски пред седницата на ИО на СДСМ.

Слични содржини