СДСМ и ДУИ се против идејата за формирање „Заедница на албански општини“

од Nikola Popovski

Двете водечки владеачки партии, СДСМ и ДУИ ја отфрлија идејата на албанската опозициска партија Алтернатива за формирање „Заедница на албански општини“, оценувајќи ја како неприфатлива и несериозна. Пред два дена Алтернатива ги повика партиите на Албанците кои имаат власт во општините, ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса, да покренат иницијатива за формирање Заедница на албански општини во Северна Македонија, како реципроцитет на она што меѓународната заедница го бара од Косово-основање на Заедница на српски општини (ЗСО).

Од СДСМ порачаа дека состојбата на Косово не може да се преслика во Северна Македонија на кој било начин и дека соработката меѓу општините е апсолутно можна, согласно законот.

„Секоја општина може да соработува во која било форма, кога ќе најде интерес за одредена тема. Сметаме дека ова барање е несериозно, се искористи за добивање политички поени и во крајна линија е неприфатливо“, изјави пратеничката Санела Шкријељ од СДСМ.

ДУИ оцени дека предлогот на Алтернатива за формирање „Заедница на албански општини“ е антиевропски и антиамерикански и е штетен за конечното решение на косовското прашање.

„Патетично, антиамериканско и антиевропско, тоа е штетно за конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по фијаското“, велат од ДУИ кон Алтернатива која пред неколку дена ја напуштија владата на Димитар Ковачевски поради влезот на Алијансата за Албанците.

Идејата на Алтератива е неприфатлива и за ВМРО ДПМНЕ, од каде вчера за „Локално“ истакнаа дека Охридскиот рамковен договор е доволен и додаваат дека таквите идеи можат само да ги влошат меѓуетничките односи.

Слични содржини