СДСМ: Надлежните институции во целост да го расчистат случајот со приведеното лице од „Александар Македонски“

од Vladimir Zorba

Ја поздравуваме одлучната акција на Министерството за внатрешни работи во чии рамки се лишени од слобода повеќе лица од Скопје под сомнение дека се работи за лица кои меѓу другото се занимавале со недозволена трговија со дрога. При тоа изразуваме загриженост заради информацијата која излезе во јавноста дека едно од овие лица е во подолг временски период вработено како наставник во основното училиште Александар Македонски кое се наоѓа на територија на Општина Аеродром, се вели во соопштението од СДСМ.

Од партијата ги охрабруваат сите надлежни институции да ги преземат сите неопходни мерки за целосно расветлување на случајот во најкраток можен рок со цел да се заштитат и учениците од потенцијалните штетни влијанија, но и угледот на наставничката професија која е неопходно да биде реализирана од поединци кои негуваат високи професионални, морални и етички стандарди.

Дополнително, ги охрабруваме институциите надлежни за реализација на воспитно-образовниот процес да преземат превентивни мерки за кревање на јавната свест во насока на спречување на инциденти од ваков тип во кои се инволвирани лица кои се дел од воспитно-образовниот систем.

Како одговорна партија будно го следиме овој случај до неговото целосно расветлување, а дополнително изразуваме подготвеност активно да придонесеме кон креирање на централни и локални политики кои подразбираат нулта толеранција за сите појави кои претставуваат потенцијална опасност по здравјето, воспитувањето и образованието на нашите деца, се вели во соопштението.

Слични содржини