Селаковиќ: Горд сум на пријателството меѓу Србија и Северна Македонија

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, денеска по отворањето на Конзулатот на Србија во Охрид изјави дека како претставник на Србија, но и Србин кој има многу пријатели, кумови и соработници од Македонија, е горд на пријателството меѓу двете земји.

Тој рече дека претходната вечер во рамките на Охридско лето одржал говор на македонски јазик, посочувајќи дека знае колку е важно кога некој од друга земја ќе дојде и ќе зборува на јазикот на земјата домаќин.

-Со тоа покажав не само дека ги почитувам моите домаќини, туку и македонскиот јазик и македонската култура. Ценејќи го и почитувајќи го јазикот како темел на културата, дојдов овде не само да го отворам нашиот конзулат, туку да покажам почит кон нашите домаќини, рече Селаковиќ.

Тој потсети дека во Охрид е договорена иницијативата Отворен Балкан, а неодамна се одржа и самитот на оваа иницијатива.

– Охрид е местото на одржување на самитот Отворен Балкан каде продолжија тенденциите за создавање добри односи и условите за продлабочување на соработката на различни полиња, преку признавање на академски звања и дипломи преку поголема и поблиска културна соработка, вели Селаковиќ.

Запрашан да ги коментира односите на Бугарија со Македонија, тој рекол дека неговата работа како министер за надворешни работи е да ги зајакне добрососедските односи, како и дека и Бугарија и Северна Македонија се соседи на Србија.

– Србија го избра патот на зајакнување на единството, патот на зајакнување на соработката, зајакнување на економската соработка што е можно повеќе и Србија ќе продолжи да го прави тоа. Ние се грижиме за себе, си ја работиме нашата работа, а другите нека си ја работат својата работата, одговорил српскиот министер.

Слични содржини