Северна Македонија и Србија блиску до решение за обезбедување гас за гасната централа во Скопје

од Destan Jonuzi

Премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград потврдија дека двете земји се многу поблиску до решение од она што беа на почетокот во преговорите за искористување на вишоците на природен гас на Србија за потребите на нашата гасна централа за производство на електрична енергија, која е со капацитет од 205 мегавати.

– На тој начин нашата индустрија ќе добие електрична енергија по пониска цена од онаа што ја добива на берзите, а Србија ќе може да ги надомести своите недостатоци за електрична енергија особено во јужниот дел од земјата. Многу пати не прашуваа дали имаме решение за тоа. Нашите тимови не престанаа да работат и мислам дека во моментот сме многу поблиску до решение од она што бевме на почетокот, рече Ковачевски на крајот од своето обраќање на заедничката прес-конференција со лидерите од Западен Балкан по Конференцијата за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од регионот, во организација на претседателот на Србија и Амбасадата на Норвешка.

И српскиот претседател Вучиќ на прес-конференцијата потврди дека двете земји се блиску до решение за обезбедување поевтина струја за македонското стопанство.

– Блиску сме до договор со Димитар, ние имаме некои можности во овој момент и со нашиот братски народ во Северна Македонија, секогаш се ќе поделиме. За нас, тоа е во ред. А за Северна Македонија мислам дека тоа е добро и сметам дека тоа е добра вест за луѓето во Северна Македонија, но и за поширокиот регион да направиме договор околу нивната гасна електрана, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека Скопје и Белград ќе продолжат да работат на тој план иако работите не се лесни. – Ги предвидовме и повисоките цени и подготвени сме. Луѓето не треба да се грижат, додаде српскиот претседател.

Слични содржини