Шилегов: Скопјани може да бидат спокојни, Дрисла повеќе не го труе градот

од Nikola Popovski

Денес говориме за Дрисла – депонијата која девет години беше симбол на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, најопасен загадувач на воздухот во Скопје и опасност по здравјето на граѓаните. Скопската депонија беше извор на загадување каде се гореше и складираше опасен отпад, а нејзината криминална продажба и управување го доведуваа здравјето на скопјани во ризик, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција.

Тој наведе дека девет години немаше ниту една инвестиција, а „ние за година и пол успеавме да набавиме нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА – иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет“.

-Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето.

Старите и дотраени теренски возила се заменети со нови 3 теренски возила, неопходни за непречено движење по пристапните патишта до депонијата кои се тешко проодни со лесни моторни возила. По десет години комплетно се отворени и дренажните канали околу целата депонија.

За редовно мерење на амбиенталниот воздух, додаде тој, набавена е нова мерна станица за амбиенталниот воздух со автоматско ажурирање на податоците на една минута, воведен е нов софтвер за дигитализација на деловните процеси и на процесите за третман на отпадот на депонијата согласно со европските стандарди и поставен е нов систем за видеонадзор, со што целата површина на депонијата е комплетно покриена со камери.

Денес граѓаните на Скопје може да бидат спокојни дека Дрисла повеќе не го труе Скопје. Во Дрисла се работи законски, не согорува опасен увезен отпад како во времето на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа здравјето на граѓаните повеќе не е во ризик, нагласи Шилегов.

Тој најави дека Дрисла во следниот период добива голема инвестиција со што ќе се реши еден од најгорливите проблеми – дивите депонии од градежен шут кои за жал ги создаваат несовесните граѓани.

Имено, Дрисла за прв пат ќе започне со третирање и преработка на интертен отпад – градежен шут. Така, наместо да се плаќа за депонирање на шутот кој сега ги мотивира некои да го исфрлаат на диво и да ја загадуваат природата, тоа ќе може да го прават бесплатно во депонијата кој ќе го преработува и од него ќе произведува градежни материјали, најави Шилегов.

Слични содржини