Шолц не верува дека Трамп ќе се врати во Белата куќа

од Radmila Tasevska

Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека е малку веројатно поранешниот американски претседател Доналд Трамп да биде реизбран, јави ДПА.

„Поверојатно е дека претседателот Џо Бајден ќе биде реизбран“, рече Шолц на настанот „Аугсбургер алгемајне лајв“ организиран од истоимениот германски весник.

Канцеларот сепак не сакаше да коментира конкретно дали германската влада е подготвена за евентуална изборна победа на Трамп и за последиците поврзани со меѓународните односи.

„Ние внимателно ги разгледуваме сите можни меѓународни сценарија“, рече тој.

Шолц го пофали Џо Бајден за неговото „неверојатно искуство на меѓународната политичка сцена, како и за доброто расудување“.

Според канцеларот, актуелниот американски претседател има најголем потенцијал да се справи со поделбите во американското општество. „Ако постои шанса некој да се издигне над поларизацијата и да се спротивстави на неа, тоа е демократскиот претседател Бајден“.

Трамп беше шеф на американската држава четири години од 2017 до 2021 година, но ги загуби изборите од неговиот ривал Бајден. Трамп веќе најави дека ќе се кандидира на следните претседателски избори во ноември следната година. Тој се соочува со најмалку четири тужби, вклучувајќи федерални и државни кривични случаи против него.

За да се вклучи во претседателската трка против Бајден, Трамп прво ќе треба да победи на прелиминарните избори против неговите ривали за републиканската претседателска номинација. Засега е убедливо пред нив во анкетите.

Слични содржини