Што би се разговарало на лидерската средба: „Мицкоски и Ковачевски ќе расправаат да не останеме во лимбо со прифатена преговарачка рамка без уставни измени“

од Nikola Popovski

Се поизвесно е свикување на нова лидерска средба, како што се доближува рокот до потенцијалното гласање за уставните измени во Собранието. Во наредните десетина дена се очекува лидерите на двете најголеми партии, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски да седнат и да разговараат за европската иднина на земјата и за односите со соседните земји. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека се подготвени да седнат на маса, но сакаат да го постават и прашањето што ќе се прави во периодот по, како што велат, неуспехот на уставните измени.

Петар Арсовски

Покрај прашањето што би донела ваква средба, се поставува и прашањето во каков формат би била лидерската средба, односно дали ќе бидат присутни претседателите на другите политички партии од двата блока. За политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, ако ништо друго, лидерска средба ќе отвори процес на дијалог и тоа е важно за вакви теми кои не засегаат сите и за кои се бара некаков натпартиски консензус. Арсовски во разговор за „Локално“ вели дека не верува дека на првата лидерска средба, имајќи ги предвид дијаметрално спротивстаните позиции, ќе дојде до некаква разрешница или поголемо приближување на ставовите.

-Но тој процес е неопходно да се отвори бидејќи гледаме дека притисокот од меѓународната заедница е дека времето за тие потези е сега. Треба да се отвори таков дијалог, може ќе најдат взаемно решение и останува на тоа да се надеваме, оценува соговорникот.

Според него, сценариото доколку не успееме да ги отвориме поглавјата е релативно јасно дека ни го цртаат претставниците на ЕУ.

-Тогаш најверојатно ќе побара Албанија ќе побара одвојување од Македонија за да може да се приближи напред. Тие ќе ги отворат поглавјата, ние нема и нема да имаме пристап до структурните фондови и ќе останеме во некакво лимбо со прифатена преговарачка рамка во која уставните измени се запишани како неопходен услов – Не сме ги раскинале преговорите, туку стоиме. Во моментов не зборуваме за преговарачката рамка и условите, туку за исполнување на условите што треба да ги прифатиме. Ако не ги смениме условите, ние ќе стоиме во тој дел, а другите ќе одат напред, посочува Арсовски.

Вели дека има варијабли на маса од двете страни – опозицијата инсистира на брзи предвремени избори, а власта инсистира на уставни измени.

-Не знаеме дали можат тие две да се донесат во корелација бидејќи не знаеме дали на таа лидерска средба воопшто ќе се отвори тој процес на преговори. Ако се отвори процес на инклузивен политички дијалог, се е можно, смета аналитичарот.

Никица Корубин

Поранешната пратеничка Никица Корубин прашува кој воопшто би бил мотивот на лидерската средба – дали за „спасување“ на лидерите и лидерството, кога пораките на меѓународната заедница се кристално јасни: без промена на уставот, директно ја загрозувате сопствена европска иднина, безбедноста на сопствената држава, а и безбедноста на регионот.

-За што ќе се дискутира тогаш, колку сме загрозени или како загрозеноста да ја пролонгираме уште некој месец, година, во недоглед, објави Корубин.

Таа истакнува дека „во моменти кога опозицијата тргна по патот од кој нема враќање, пат послан и олеснет со добрите намери на власта во разни форми, како на пример дваесет и кусур члена комисија, која со месеци се конституираше, за во рок од неколку часа да го напише “едниот амандман”; наеднаш лидерите ќе го договарале европскиот пат и односите со соседите“.

-Чекаме ли нешто да се случи, залепени до ѕидот до кој се доведовме, по можност нешто драматично, за да не мора да се занимаваме самите со себе, па да мораат повторно другите да се занимаваат со нас? Фикција ли некоја чекаме, “нова Југославија”, Порфириј ли го чекаме наместо Вартолемеј, и не мора веќе криење, соголено е се’ до крај?

А, највеќе е соголена вистинската желба и намера за ЕУ, нормална и функционална држава и независна држава Северна Македонија, на сите кои имаат допир до било каква форма на моќ и влијание. Единствено посоголени се оние кои мораат да глумат. Дека се’ уште се на иста линија со граѓаните, кои исто така се мета на “хибридни” анкети, константно казнувани за својот про-европски став. А, јазот несовладлив и конечен. Кој ќе го премости е главното прашање, а не кој ќе го продлабочи. Претставата привршува, а исходот (не)извесен, објаснува Корубин.

Н.П.

Слични содржини