Снопче: Владејачкото мнозинство нема кворум, 100тина закони чекаат свој ред

Владејачкото мнозинство не може да обезбеди кворум за работа на Собранието, што ја прави власта нефункционална. Оттаму, ќе поддржиме било каква интерпелација, посочи пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците, Халил Снопче.

„Не е работа на опозицијата да создава кворум, одговорноста ексклузивно е на власта. Кога беа на дневен ред битните закони за државата и за граѓаните да не бевме ние немаше да има кворум. Поради случајот „Монструм” веќе поднесовме интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но немаме 20 пратеници за да поднесеме интерпелација за работата на Владата. Сепак, ќе ја поддржиме интерпелацијата доколку ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ зашто сметаме дека оваа Влада е нефункционална“, истакна Снопче.

Исто така, тој додаде дека нема собраниска седница поради немањето кворум и затоа 100. закони чекаат на дневен ред.

„Вака не оди и мора да има некое решение. Треба да бидат свесни сами дали ќе треба да се направи техничка влада или некое друго решение што е во интерес на државата. Реалноста е таква каква што е“, посочи Снопче и додаде:

„Ако еден месец немаш седници, ако комисиите се натрупани со стотици закони се покажува дека немаат капацитети и оти не се во состојба да создадат кворум за работа и да соберат 61 пратеник. Денеска се само продолженија на седници за закони кои во меѓувреме се поминати на комисиите и не им треба кворум за работа“.

Посочи дека власта обезбедува кворум за работа во Собранието само кога се носат закони што и одговараат.

„Кога треба да изберат луѓе на битни позиции во државата за да се бранат самите себе, тие немаат проблем со кворумот, а кога се во прашање закони битни за државата не се во состојба да создадат кворум“, заклучи Снопче и додаде дека последен пат кворум власта обезбедила кога го избирале народниот правобранител Насер Зибери, како што рече, нивниот кандидат за премиер.

Тој ги повика граѓаните од дијаспората да ја искористат можноста за онлајн регистрација на пописот.

 

Слични содржини