Со електронски нараквици се следат луѓето во самоизолација: Јужна Кореја воведува нови мерки за контрола на короната

од Aleksandar Petrovski

Властите во Јужна Кореја размислуваат да користат електронски нараквици за да го следат зголемениот број на луѓе што се ставени во изолација за да се забави ширењето на новиот коронавирус.

Претставникот на Министерството за здравство Јун Тае-хо изјави денеска дека ваквите уреди се меѓу неколкуте мерки што се разгледуваат во потрага по практични и ефективни начини за следење на лицата изолирани во домови и згради.

Јун призна дека електронските нараквици ќе покренат проблеми со приватноста и не дал конкретен одговор кога го прашале колку е веројатно владата да нареди нивна примена.
Бројот на лица во карантин се зголеми значително од минатата недела кога Јужна Кореја започна да применува 14-дневен карантин на сите патници кои доаѓаат од странство за да го запрат порастот на увезените инфекции.

Според официјалниот претставник на Министерството за внатрешни работи и безбедност Ли Бионг-чеол, повеќе од 46.500 лица се во самоизолација, според податоците до понеделникот вечерта, вклучувајќи 38.400 неодамна пристигнати од странство. Тој рече дека бројот може да достигне 80.000 или 90.000.

луѓето во карантин мораат да ја преземат апликацијата што ги предупредува властите ако ги напуштат домовите или местата на живеење, но тие апликации не се доволни кога луѓето се искрадуваат и ги оставаат паметните телефони или ја исклучуваат функцијата на локација.

Ли рече дека полицијата во Јужна Кореја моментно истражува повеќе од 70 лица за наводно кршење на карантин.

Јужна Кореја денес пријави 47 нови случаи на вирусот корона, а уште шестмина починале, што резултирало со вкупно 10.331 заразени лица и 192 мртви.
Центарот за контрола и превенција на болести од Јужна Кореја соопшти денеска дека најмалку 802 заразени лица биле поврзани со патници кои доаѓале од странство бидејќи епидемијата се шири низ Европа и САД.

Повеќето случаи се откриени во последните три недели и бројот на заразени лица е зголемен во густо населената област на Сеул, дом на околу половина од 51 милиони жители на Јужна Кореја.

Премиерот Чунг Сје-Кјун денеска ја повтори молбата за социјално дистанцирање и жали што младите луѓе чекаат да влезат во клубовите или другите места ризикувајќи да станат тивки преносители на вирусот.

Владата на Јужна Кореја ги затвори училиштата и издаде упатства за социјално дистанцирање, но не воведе општа изолација или нареди затворање на бизниси и продавници кои не беа неопходни.

Слични содржини