Со испитување на вештак продолжи судењето за Ласкарци

од Nikola Popovski

Со испитување на вештакот Љупчо Постолов, кој е дел од тимот што го изготви сообраќајното супервештачење, во Основниот кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа повредени.

Покрај Постолов, во тимот вештаци кои го изготвија сообраќајното супервештачење се и Јакуп Мамути и Невзат Зеќири.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември.

За потсетување обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година и го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Слични содржини