Со завршни зборови продолжува судењето за „Ласкарци“

од Nikola Popovski

Со завршни зборови на одбраната, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а над 30 беа повредени.

На денешната расправа, како што е најавено, завршен збор треба да даде одбраната на четвртообвинетиот, Горан Дуковски, петтообвинетиот, Јане Боварски и шестообвинетиот Маноил Трифуновски.

На минатото рочиште, завршни зборови даваа бранителите на второобвинетиот Ремзи Мифтари и третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.

Слични содржини