Солскјер: Уживам во критиките, имаме играчи за различни шеми на игра

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер изјави дека неговиот тим ќе продолжи да се фокусира на она што го прави најдобро. „Црвените ѓаволи“ викендов го победија Тотенхем на гости со 3:0, откако Норвежанецот, кој беше под притисок, го смени планот за игра, но утре е важно гостување кај Аталанта во Лигата на шампионите, а на крајот од неделата Јунајтед ќе биде домаќин на Сити во дербито на Манчестер. Солскјер го коментираше и отказот на Нуно Еспирито Санто по поразот од Тотенхем во саботата.

„Во групата сме во добра позиција откако победивме дома со Виљарел и Аталанта, но потребни ни се добри резултати како гостин. Фокусирани сме само на овој натпревар и не размислуваме за дербито со Манчестер Сити“, започна тој.

„Никогаш не е убаво да се види како добри луѓе губат работа. Не сум запознаен со ситуацијата во Тотенхем, но како колеги не можам да бидам среќен кога ќе се случат такви работи. Во такви случаи се обидувате да се поврзете со колегите и да ги споделите вашите чувства со нив“, вели Норвежанецот.

„Односот на играчите на мечот со Тотенхем беше на ниво. Фудбалерите сакаат да играат. Никој не е среќен кога не игра. Сепак, тимот е пред секој поединец. Знаеме дека кога ќе постигнеме постојаност ќе дојдат и резултатите и добрите перформанси. Ќе продолжиме да се фокусираме на она што го правиме најдобро. Програмата е немилосрдна. Критиката може да ве натера да се сомневате во себе или да се залагате за себе. Уживам во критиките. Сите ние имаме различни професии и работа на аналитичарите е да го кажат своето мислење. Не сум тука да се борам со никого“, продолжи Солскјер.

„Имаме играчи кои можат да играат во различни шеми. Со овој систем игравме против Тотенхем и тоа функционираше. Не можам да кажам дека ќе го направиме истото утре. Аталанта игра на посебен начин. Високо темпо, агресивност и напад. Тоа што го прават е извонредно. Многу добар клуб“, додаде тренерот на Јунајтед на денешната прес-конференција.

Слични содржини