Спасов: Во Руанда повеќе си веруваат

од Vladimir Zorba

Бев на гласање. Ја давам личната карта за идентификација. Еден член на избирачкиот одбор ја зема личната карта,ме гледа дали сум јас тој на сликата и запишува. Потоа одам на апаратот да утврдат со отпечаток од прстот дали сум јас. Го ставам десниот прст не покажува ништо. Велат легни го, па притисни го но и по третиот обид ништо. Велат чекај да го внесеме твојот матичен број па стисни. Внесуваат стискам ништо. Добро викаат ај на класичен начин.

Трет член на избирачкиот одбор пред него има два списоци. Едниот од нив е избирачкиот список во кој ме има со сите податоци и со фотографија. Ми дава да се потпишам на избирачкиот список. Се потпишувам. Сега ми го даваат следниот список и на него се потпишувам но ми даваат и да ставам отисок од показалецот како што тоа се прави при издавање лична карта или како што се потпишуваат неписмените. Ми дава и влажно марамче да се избришам од мастилото во кое го брцнав прстот.

Конечно ми ја враќаат личната карта и ми даваат гласачки ливчиња да гласам.

Вистина малку понижувачки.

И се оди многу бавно.

Се потрошија 11 милиони евра за набавка на скенери за отисок од прстот со кои наводно сигурно ќе си веруваат партиите дека гласале само оние што имаат право на глас, испробаа на нас и невидливи мастила и уве ламби а еве сега и два потписи и отпечатоци од прсти, но партиите кои меѓу себе не си веруваат и натаму било кој резултат од изборите ќе го оспоруваат. Можеби на следните избори ќе треба да минуваме и низ ренген апарати само да не се случи некој два пати да гласа.

А можат да ни направат и комјутеризирана томографија, да ни земат брис и да ни направат ДНК анализа само да бидат убедени дека не сме гласале два пати. Не е тоа проблем. За да биде задоволна опозицијата и да не се сомнева, власта ќе дозволи се и ќе обезбеди нови милиони евра од буџетот.

А убаво ни кажаа. Овие апарати ги користеле и се покажале фалични и во Авганистан.

А таму потоа победија Талибанците.

ФБ статус на Ѓорѓи Спасов

Слични содржини