Средба на министерот Димитров со европратениците Чолош и Ќучук

од Aleksandar Petrovski

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со европратениците од политичката група „Обнова на Европа“ Дачијан Чолош од Романија, претседавач со групата во ЕП и Илхан Ќучук од Бугарија, известител за Северна Македонија и член на АФЕТ.

Димитров се заблагодарил за интензивната поддршка на Европскиот Парламент во изминатиот период во однос на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и добивањето на заслужената одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.

Како што соопштија од МНР, шефот на дипломатијата Димитров информирал за последните внатрешно-политички случувања во земјата, во пресрет на предвремените парламентарни избори и за последните остварени реформски активности.

Тој ја истакнал важноста од позитивниот исход на мартовскиот состанок на Европскиот совет, не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион.

– Благодараност за посетата во овој клучен период со што се испраќа сигнал за поддршка за отворањето на пристапните преговори со ЕУ, препознавајќи го значењето на моментот како и се’ она што земјата го стори на патот кон ЕУ, рекол Димитров.

Чолош на министерот Димитров му ја презентирал усвоената политика на пратеничката група во ЕП „Обнова на Европа“ во однос на проширувањето со земјите од Западен Балкан.

Како што стои во соопштението, соговорниците размениле мислења и околу можноста за вклученост на Регионот во рамки на Конференцијата „Иднината на Европа“.

Слични содржини