„Средствата од Планот за раст немаат важност само од финансиски аспект туку и за развојот на државата“: Како Македонија се најде во ситуација да „виси“ за 50 милиони евра?

Европски фондови: Ако реформите продолжат да доцнат, ќе имаме помалку средства за Буџетот и помалку можности за инвестиции

од Nikola Popovski
77 прегледи Фото: Фејсбук/Тимчо Муцунски

Македонија би можела неповратно да изгуби 49,2 милиони евра од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан ако не ги исполни реформските чекори до крајот на јуни годинава. И други земји би можеле да изгубат значителни износи ако не ги исполнат обврските утврдени во Реформската агенда до овој рок, што е услов за користење на средствата.

Извор од ЕУ изјави дека на крајот од минатата недела, евркомесарката за проширување, Марта Кос, испратила писмо до партнерите од Западен Балкан, корисници на средствата од Планот за раст, предупредувајќи ги дека ќе ги изгубат овие средства ако не ги исполнат условите до наведениот рок.

„Комесарката ги предупреди партнерите за потребата од забрзување на реформите со цел да се искористат средствата предвидени во овој План. Ве потсетуваме дека „грејс“ периодот за чекорите што требаше да бидат завршени до средината на 2025 година истекува на 30 јуни оваа година, додека за реформите што требаше да бидат завршени до крајот на 2024 година, тој период завршува до крајот на 2026 година. Доколку роковите не се почитуваат, партнерите ризикуваат да изгубат повеќе од 700 милиони евра заедно“, изјавил извор од Европската комисија.

Три дена по споменатото писмо од Кос, македонските власти го презентираа напредокот во спроведувањето на реформската агенда 2024–2027 пред амбасадорите од земјите членки на ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати. Мицкоски истакна дека овие реформи не се изолирани активности, туку се дел од поширока трансформација, ја приближуваат нашата економија до Единствениот пазар на ЕУ, ги зајакнуваат институциите во согласност со европските стандарди и носат конкретни резултати за граѓаните и за бизнисите.

За дел од експертите, ваков став на официјален Брисел дава сериозен сигнал за државата да ги забрза реформите и да се фокусира на оние реформски чекори чијшто грејс период наскоро завршува, што всушност е и една од препораките на најновиот пилот-мониторинг извештај на ЕПИ за дел од реформските чекори на Реформската агенда 2024-2027 на Македонија. Како што вели, истражувачката Фикрија Таир-Селмани од Институтот за европска политика (ЕПИ),  средствата од Планот за раст немаат важност само од финансиски аспект, туку и за развојот на државата, од причина што ИРР е замислен да ги поттикне реформите во државите од Западен Балкан со грантови и поволни заеми, како и поддршка на WBIF проекти.

-Од досегашните оцени на ЕК, можеме да заклучиме дека Северна Македонија исполнила 2 од вкупно 5 реформски чекори заклучно декември 2024, а заклучно јуни 2025 од вкупно 16 реформски чекори исполнила 4, преку кои вкупно за двата периоди се ослободени околу 76.3 милиони евра вклучувајќи го предфинансирањето од 52.4 милиони. Досега, на сметка на државата се исплатени околу 35.5 милиони евра и тоа како заеми, без исплатени грантови и WBIF средства, вели Таир Селмани за „Локално“.

Фикрија Таир Селмани – Фото: Принтскрин/Јутјуб

Пораката на ЕК укажува дека предизвиците не се само уставните измени, туку и побавно од очекуваното темпо за исполнување на Реформската агенда, особено ако се има предвид дека заклучно декември 2025 година државата имала да исполни вкупно 44 реформски чекори од кои 15 биле во грејс период од претходните периоди.

-Најавите на министерот за европски прашања дека очекува позитивна оцена за 21 реформски чекори за реформските чекори заклучно декември 2025 и оние во грејс период, дава сигнал за можен напредок во третата оцена на ЕК за спроведувањето на Реформската агенда 2024-2027 која ја очекуваме овој месец, истакнува соговорничката.

Сепак, додава, дека пораката има финансиски, но и политички тон, односно ако реформите продолжат да доцнат, сосема очекувано е дел од средствата да останат неисплатени или целосно изгубени, што би значело помалку средства за буџетот и помалку можности за инвестиции.

-Пораката дава јасен сигнал дека ЕУ го оценува напредокот на државата врз основа на конкретно постигнати резултати и спроведени реформи. Оттука, идната динамика на поддршката секако зависи пред се од конкретен напредок во спроведувањето на реформите, како што е дефинирано во Договорите за заем и Спогодбата на ИРР, заклучува Таир Селмани.

Н.П.