ССМ: Се изборивме за две барања, останува уште Општ колективен договор за јавен сектор

од Nikola Popovski

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на 12.12.2021 година со почеток во 12.12 ч. организираше голем работнички протест со три главни барања: недела да биде неработен ден, минималната плата да се зголеми на 18.000 денари и да се потпише Општиот колективен договор за јавен сектор.

-Иако за жал протестот не беше поддржан од другите синдикати, ССМ заедно со работниците се изборија од јануари 2022 година недела да стане неработен ден за 92% од работниците и минималната плата да се зголеми на 18.000 денари од март 2022 година со што беа исполнети две од трите работнички барања, велат од Сојузот преку соопштение.

За исполнување на третото барање, велат од ССМ, остануваат уште дваесетина денови до крајот на годината.

-Сојузот на синдикатите на Македонија по завршување на рокот, ќе биде принуден да побара одговорност и оставки од министрите кои јасно и гласно кажуваа ( лажеа и манипулираа) дека нов Општ колективен договор за јавен сектор ќе има и дека истиот ќе биде потпишан до крајот на оваа година, а за новата методологија за усогласување односно пораст на сите плати со порастот на минималната плата, која методологија требаше да важи од 1 јануари 2023 година, а нема ниту ,,М” од истата!

Работничката сила е во нејзината бројност организирана во Сојузот на синдикатите на Македонија за заедничка борба против неправдата нанесена од работодавачите, локалната и централната власт, стои во соопштението од ССМ.

Слични содржини