Столтенберг ги предупреди членките на НАТО да не дозволат да се создаде јаз меѓу Америка и Европа

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ги предупреди земјите членки на Алијансата да не дозволат да се создаде јаз меѓу Америка и Европа.

„Го поздравувам тоа што европските сојузници инвестираат повеќе во одбраната, а НАТО го повикува тоа многу, многу години“, изјави Столтенберг за новинарите во седиштето на алијансата во Брисел, каде што претседава со состанокот на министрите за одбрана на Алијансата.

Столтенберг нагласи дека НАТО не треба да оди по кој било пат што би означувал дека има обид за одвојување на Европа од Северна Америка, пренесе АП.

„НАТО има нуклеарно средство на одвраќање и тоа функционира со децении. Не треба да направиме ништо за да го поткопаме тоа. Тоа само би создало поголема неизвесност и повеќе простор за погрешно проценување и недоразбирање“, рече Столтенберг.

Францускиот претседател Емануел Макрон инсистира дека Франција мора да ја задржи својата независност кога станува збор за можната употреба на нуклеарно оружје. Макрон, сепак, во декември рече дека Франција има „посебна одговорност“ како нуклеарна сила во Европа и дека „стои покрај“ своите сојузници и европските партнери. Разговорот за европски „нуклеарен чадор“ доаѓа, меѓу другите, од германски пратеници во Европскиот парламент.

Соочени со војна во Украина која ги исцрпува воените и финансиските ресурси и со пакетот помош од САД закочен поради судирот меѓу демократите и републиканците во Конгресот, европските лидери и високи претставници предупредија дека Европа мора да инвестира повеќе во својата војска и нови технологии и зголемување на производството на оружје. Во последниве недели дури се зборуваше дека Европа треба да развие „нуклеарен чадор“.

Слични содржини