Суд во Мадрид им забрани на УЕФА и ФИФА да преземат какви било активности против Суперлигата!

од Vladimir Zorba

Трговскиот суд во Мадрид денес и забрани на Европската фудбалска централа (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) да преземаат какви било мерки против започнувањето на Европската Суперлига, согласно одлуката до која агенцијата АФП има пристап.

Одлуката на судот претставува прва законска победа за тоа отцепено приватно натпреварување што направи конфликт во европскиот фудбал.

Во тој контекст, Трговскиот суд број 17 од Мадрид наведува дека „им наредил на ФИФА и УЕФА да се воздржат од какви било мерки или преземање мерки, или издавање изјава што би спречила, директно или индиректно, подготовка на фудбалската Суперлига “.

Дванаесет богати европски клуба вчера постигнаа договор за формирање на Европската Суперлига. Договорот го постигнаа Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Арсенал, Челси, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, Јувентус, Милан и Интер.

Покрај 12-те основачи, на лигата ќе и се придружат уште три други екипи, кои исто така ќе бидат меѓу основачите, а лигата ќе ја пополнат уште пет екипи, кои ќе добијат покани за учество.

Овој потег на богатите клубови предизвика бројни негативни реакции, пред се од ФИФА и УЕФА, националните федерации, високи државници, како и познати поранешни играчи.

ФИФА и УЕФА најавија дека овие клубови ќе сносат последици, а од самата Суперлига тие вчера соопштија дека веќе покренале правни активности со цел да се запрат акциите насочени кон спречување на почетокот на тоа натпреварување.

Слични содржини