Актуелно
Почетна / IN/OUT / Свечена и вкусна: Што треба да имате на трпезата за Свети Никола?

Свечена и вкусна: Што треба да имате на трпезата за Свети Никола?

Славата Свети Никола секогаш е за време на големите божикни пости, а тоа подразбира дека трпезата треба да биде посна, без разлика во кој ден се паѓа.

Единствено треба да се обрне внимание на тоа дали се паѓа во ден кога се пости строго или пак, кога се дозволени масло и риба. Оваа година заслугот се паѓа во среда, што според годинашниот календар е ден кога може да се користат масло и вино, додека самиот празник е во четврток, кога е дозволена риба.

Сепак, дозволено е и со благослов, да се направи и исклучок кога е славата во прашање, па да се послужи риба и на денот на заслугот.

А, еве што би требало да има на трпезата за Свети Никола:

Погача

По желба, можете да ја купите, но секако е многу подобро ако ја подготвите дома, бидејќи тогаш симболиката на дом и топлина е поизразена. Се прави од бело брашно, без додаток на јајца и млеко.

Најлесно ќе ја направите ако замесите 1 кг брашно, 2 лажички сол, една лажичка шеќер, 125 гр стопен растителен маргарин, 40 гр квасец и 500 мл млака вода. Откако ќе отстои, се премесува и се формира погача.

Посен грав

Посниот грав одлично се согласува со останатите оброци од славската трпеза. Можете да го направите бел, без запршка или доколку денот дозволува, можете и да го запржите. Во него може да додавате зачини по желба, како и издробена сува пиперка.

Посна салата

Рецепти за посни салати има многу. Една од најпопуларните е салатата од варени компири, со оцет и кромид. Оваа салата можете да ја збогатите со зачини, туна, кисели краставички, друг зеленчук од туршија. Многу е вкусна и салатата од праз и суви пиперки, зачинета со балсамико и сол. Можете да експериментирате и со посни тестенини, печурки, пченка и туна.

Риба

Одберете ја според својот вкус. Може да послужите скуша, ослиќ, пастрмка, било да е пржена или печена. Обидете се да е некоја со помалку коски или да е добро исчистена, за да се избегнат незгоди за време на оброкот. Секогаш служете ја со доволно лимон. Рибата може да ја подготвите дома, но во денешно време можете да ја порачате и од пржилница или од ресторан.

Посна кисела зелка

Од киселата зелка можете да направите салата, зачинета со бибер, масло и црвен пипер. Но, ако имате доволно време, можете да подготвите и посен подварок.

Пита

Домашната месена пита со праз или со зелка е исто така дел од вкусната славска трпеза за Свети Никола. Се подготвува од посно тесто. Исто така, можете да подготвите посна пита со фил од пире од компири, кој исто така можете да го мешате со праз, ориз или со зачини според вкусот.

Посна сарма

Посните сарми се неизбежен дел од трпезата за Свети Никола. Можете да ги правите од кисела зелка или од свежа, а многу домаќинки тврдат дека вкусот е неповторлив ако во смесата за полнење измешате неколку суви сливи исецкани на ситни парчиња.

Посен десерт

Изборот е голем. Има посни ситни колачи кои можете да ги направите или порачате од слаткарница. Постои и широк избор на посни торти. Но, трпезата не би била она на што сме научени и навикнати, ако нема вкусна традиционална баклава.

loading...