СЗО: Десетици илјади цивили во Газа бараат засолниште во болниците

од Radmila Tasevska

Десетици илјади цивили во Појасот Газа бараат засолниште од војната во болниците, според Светската здравствена организација (СЗО).

Болницата Шифа во градот Газа е преполна со 50 илјади луѓе, а болницата Ал-Амал во јужниот дел на Појасот Газа со 14 илјади, соопшти денеска здравствената организација на „X“, цитирајќи тим на терен.

На патот кон болниците, тимот на СЗО забележал десетици илјади луѓе кои бегаат од жестоките израелски напади пеш, на мазги или со автомобили.

СЗО соопшти дека 13 болници во целиот Појас Газа моментално функционираат делумно, две на минимално ниво, а 21 воопшто не.

Претставниците на СЗО се крајно загрижени дека новите движења на бегалци дополнително ќе ги оптоварат здравствените установи во јужниот дел на Појасот Газа.

-Ова присилно масовно движење на луѓе, исто така, ќе доведе до поголемо пренатрупаност, зголемен ризик од заразни болести и ќе го отежне испораката на хуманитарна помош, се цитира во соопштението член на персоналот на СЗО на терен.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, пак, денеска ги повтори своите повици до меѓународната заедница „да преземе итни чекори за ублажување на сериозната опасност“ со која се соочува народот во Газа.

-Моите колеги се исто така директно и лично погодени од конфликтот, исто како и сите во Газа, и продолжувам да добивам потресни вести за загубата на членовите на семејството на нашите вработени во енклавата, вели Гебрејесус.

СЗО соопшти дека нејзините тимови презеле „високо ризични“ мисии за испорака на основни материјали до болниците во северниот и јужниот дел на Газа, вклучително и болницата Ал Шифа и Палестинската Црвена полумесечина Ал Амал.

Слични содржини