СЗО: Маските се препорачуваат и дома во одредени ситуации

од Stefanija Kuzmanovska

Луѓето треба да носат маски дома за да спречат инфекција со коронавирус кога посетителите доаѓаат кај нив и кога не се во можност да ја одржат пропишаната физичка дистанца, препорача Светската здравствена организација (СЗО).

Ова се однесува првенствено на луѓе кои доаѓаат во вашата куќа и не живеат со вас, без разлика дали се роднини или пријатели, некој со кого не сте во толку чести контакти и кои можеби биле изложени на вирусот. Особено е важно кога станува збор за членовите на домаќинствата кои припаѓаат на ризични групи.

Дополнително, маските треба да се носат дома за време на посета, ако не е јасно дали просторијата била добро проветрена.

СЗО претходно се залагаше за носење маски во преполни места.

Здравствената организација на ОН сега исто така препорачува поширока употреба на маски во здравствените установи.

Персоналот и другите работници кои не се вклучени во болничката нега се ставени на список на луѓе кои треба постојано да носат маски.

Пациентите исто така треба да носат маски во ситуации кога ќе дојдат во близок контакт со други луѓе.

Во раните фази на пандемијата на ковид-19, СЗО изрази скептицизам во однос на маските, па затоа не се залагаше целосно за нивно носење, иако земјите во Европа почнаа да ги копираат азиските земји каде маските се користат за да се спречи пренесувањето на настинки.

СЗО повтори дека маските можат да им дадат на луѓето погрешно чувство на заштита и затоа забораваат на другите клучни превентивни мерки.

Слични содржини