СЗПМ: Подготвени предлози за зголемување на износот на најниската пензија

од Stefanija Kuzmanovska

Линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји, се наведува во денешното соопштение од Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, а во врска со барањето за линеарно усогласување на пензиите.

Во однос на протестите на пензионерите со ниски пензии, Извршниот одбор на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, на денешната седница заклучил дека во континуитет ги следи и ниските пензии и сите прашања во врска со правата на пензионерите, како граѓанска организација, ги решава по институционален пат со давање на иницијативи, предлози и мислења до надлежните органи во државата.

„Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 проценти од први март 2023 година и очекувано услогласување од околу 6 проценти од први септември, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15 проценти, групи на незадоволни пензионери бараат поголемо усогласување на ниските пензии односно линеарно услогласување на сите пензии. Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензијаи и затоа подготви Предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика“, се наведува во соопштението од СЗПМ.

Се додава дека СЗПМ смета дека Предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ.

Слични содржини