Тасевска: ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски нема да успеат во намерата да спречат попис по меѓународни стандарди и пракси

Лидија Тасевска, од редовите на владејачката СДСМ ги повика пратениците да бидат одговорни и сериозно да го поддржат Законот за попис на населението, предвиден за оваа пролет.

Како што вели таа, конечно по речиси 19 години, треба да ја спроведеме оваа важна статистичка операција. Како што посочива, со законот, ќе се отвори простор да се спроведе Попис според сите меѓународни стандарди.

Порача и дека ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски нема да го спречат спроведувањето на пописот според меѓународните стандарди и пракси.

„Овој закон се заснова на транспарентност на процедурите и постапките на реализација на пописот, неутралност и објективност во сите фази на пописот, стручна независност на надлежните органи, користење научни основи во методолошкиот пристап и подготовката на резултатите, како и доверливост и заштита на индивидуалните податоци од пописот. СДСМ има договор со граѓаните да спроведеме попис кој ќе обезбеди точни и релевантни податоци“, посочи Тасевска во изјава во Собранието.

Меѓудругото, Тасевска, потсети дека државата веќе 19 години е без попис, а последниот попис во 2011 година не успеа, како што рече, токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, опозицијата повторно ја политизира оваа важна статистичка операција.

„Целосно нејасно е зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат на Законот, освен ако целта не им е намерно да го проблематизираат одржувањето на пописот со цел државата и натаму да нема податоци кои се важни за креирање на среднорочни и долгорочни политики и стратегии. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да спречат одржување на попис согласно меѓународните стандарди и пракси“, заклучи Тасевска.

Слични содржини