Тодоровски од Москва: Битката за Донбас ќе го реши победникот или ќе ги принуди Русија и Украина да склучат мировен договор

од Берта Китинска

Дарко Тодоровски од Делчево во 2021 година заминува за Москва каде во моментов живее и е на докторски студии, 2-ра година на универзитетот Руска академија за национална економија и јавна администрација под претседателот на Руската Федерација.

Тој во разговор за „Локално“ раскажува за случувањата во Донбас и на југот на Украина и за она што лично го видел и слушнал од локалното население.

Тодоровски вели дека ситуацијата во Москва е нормална, во маркетите и во продавниците рафтовите се полни, иако има инфлација, како и низ целиот свет.

Руската инвазија , или како што тие ја нарекуваат, „специјална операција влегува во четврти месец. Сте работеле како новинар во Донбас, па со ваши зборови, каква е ситуацијата таму?

-Јас конфликтот во Украина го следам од 2014 година. Факт е дека денес Светот е во тивка Трета Светска Војна, која што се води помеѓу Истокот и Западот на различни фронтови. Сведоци сме на формирање на Нов Светски Поредок.

Во моментов Украина е централното место од големата шаховска табла на која што се води оваа битка. Но не треба да се заборават конфликтите и кризните жаришта во Сирија, Ирак, Мали, Либија, Тајван, Пакистан, Мјанмар, Шри Ланка, Соломонските острови, како и други држави. Плус обидите за дестабилизација на Белорусија, Иран и Казахстан. RAND Corporation, еден од најважните тинк танк центри во светот, кој што тесно соработува со Пентагон и ЦИА, во 2019 година објави специјален извештај „Прекумерното оптоварување на Русија и нејзината дестабилизација: проценка на опциите за влијание преку трошоците“. Во извештајот јасно е предвидено што ќе се случи, и на кој начин Западот треба да се бори против Русија. Потпаролот на Пентагон, Џон Кирби, пред неколку денови изјави дека САД и НАТО 8 години ја подготвувале, вооружувале и спремале Украина за војна против Русија. Оваа војна беше неизбежна, особено после 2014 година.

Но, да се вратиме на Донбас и на Украина. Војната во Донбас трае од 2014 година, кога Украина започна граѓанска војна против жителите на Донбас, или како што Киев ја нарекуваше, специјална антитерористичка операција. И покрај тоа што во 2014 и 2015 година беа потпишани мировните договори Минск 1 и Минск 2, помеѓу Украина и Донбас, тие никогаш не беа реализирани до крај. Како резултат на тоа, од март 2021 година околу Украина надвиснаа облаците на војната. Повеќе од една година Русија и Западот преговараа за создавање на Нова стратешка безбедност во Европа, и преговараа да најдат решение за Украина, но не успееја да се договорат. Но од 24-ти февруари 2022 година, после признавањето на Доњецката и на Луганската Народна Република, Русија започна воена операција против Украина, која што во Русија се нарекува „Специјална воена операција“. Инаку интересно е дека ниту Русија, ниту Украина си немаат објавено војна.

Како акредитиран новинар, јас два пати бев во Донбас и на југот на Украина, како дел од Прес турите кои што постојано ги организира Министерството за одбрана на Руската Федерација за странските новинари. Имав можност со свои очи и во прво лице да видам што се случува на Донбас и на југот на Украина. Успеав да ги посетам градовите Доњецк, Луганск, Волноваха, Славјаносербск, Горловка, Мариупол, Бердјанск, Енергодар и Мелитопол. И она што го видов и што го слушнав од локалното население, во многу се разликува и од украинската, и од западната, но и од руската пропаганда.

Во Доњецк, со исклучок на гранатирањето од страна на украинската армија на делови и предградијата од градот, ситуацијата е мирна. Во градовите Луганск и Славјаносербск (кои што од 2014 година не се под контрола на Киев), како и градовите Бердјанск, Енергодар и Мелитопол нема никакви борбени дејства, и не се водени никакви борби. Градовите Бердјанск, Енергодар и Мелитопол кои што се наоѓаат во областа Запорожје, руската армија ги завзела без борба. Во овие градови нема големо присуство на руската армија, а во градовите животот тече нормално, граѓаните добиваат хуманитарна и медицинска помош.

Најтешка беше ситуацијата во Мариупол и Волноваха, каде што се водени жестоки борби. Во Мариупол, 20% од градот е уништен, и не може да се обнови. Но останатиот дел од градот, пред се зградите и домовите, и покрај тоа што се оштетени, можат брзо да се обноват. Кога бев во Мариупол, во градот немаше ниту вода, ниту гас, ниту електрична енергија. Но деновиве во најголем дел од градот повторно е вклучена електричната енергија и водата. Мариупол оживува и животот полека се враќа во мирна насока. Страдањата на жителите на Мариупол кои се на работ на преживување, солзите на оние кои ги изгубиле своите најблиски, разрушените домови, куќи, соништа – е тоа со што се среќавате секоја минута во Мариупол.

Боли кога го гледаш, тешко е да го сфатиш, но за жал времето не може да се врати назад. А од 500 000 жители, во градот тогаш беа останати околу 250 000. Околу 5 000 цивили загинале за време на битката за Мариупол. Во Волноваха посебно настрадал центарот на градот, и дел од предградијата, но не се работи за сериозни оштетувања. Оштетените објекти може брзо да се санираат, и веќе се работи на нивна санација и реконструкција. И во Волноваха, како и во Мариупол, во моментот кога бев таму, немаше ниту вода, ниту електрична енергија, ниту гас. Но во Волноваха сега има и вода, и гас и електрична енергија. Во Волноваха се враќаат дел од жителите. И во Мариупол и во Волноваха работат најважните институции.

Дали локалното население во целост ги поддржува акциите на Русија, како што се тврди во медиумите? Дали се перцепираат како ослободители?

-Во Донбас, а и југот на Украина каде што бев, најголем дел од населението е рускојазично. Плус во Донбас живее претежно руско население, а на југот на Украина, поточно во градовите каде што бев, Бердјанск, Мелитопол и Енергодар, околу 60% од населението се украинци, а 40% се руси. Мислењата се поделени. Но, јас бев кратко време, за да можам да направам соодветна анализа. Но успеав да разговарам со жители на сите населени места каде што бев. Најголемиот дел од нив не сака да биде снимено и фотографирано. Дел од жителите се за Украина, дел се за Русија, а дел сакаат што поскоро војната да заврши. А дел од жителите на југот на Украина сакаат да емигираат, на Запад, но и во Русија.

Очекувате ли, според она што го гледате на теренот и од ваше искуство, да опстанат ДНР и ЛНР како самостојни држави, или очекувате припојување кон Русија?

ДНР и ЛНР, или целиот регион на Донбас, уште од 2014 година беа делумно зависни од Русија, пред се од руската економска, хуманитарна, енергетска и воена помош. Инаку се работи за богат регион, пред граѓанската војна во 2014, Донбас беше најбогатиот регион во Украина, регион донор за остатокот од Украина.

Во моментот Русија нив ги призна како независни држави, но мое мислење е дека тие не можат да опстанат сами како држави, бидејќи секогаш ќе постои опасност во иднина Украина по воен пат да ги врати. Поради тоа мислам дека Русија ќе ги интегрира во составот на Руската Федерација, како посебни субјекти, се со цел да им ја гарантира нивната безбедност и граници. За таа цел најверојатно во септември ќе се спроведат референдуми за приклучување кон Русија.

Но, Русија изјавува дека не само ДНР и ЛНР, туку референдуми ќе се спроведат и во Херсонската и во Запорошката област, и на тој начин Русија сака да обезбеди копнен коридор за Крим.

Како се живее во моментов во Украина?

-Во Доњецк, Луганск, Горловка, Славјаносербск се функционира нормално. Но тие од 2014 година се дел од ДНР и од ЛНР. За 8 години таму се воспоставени институции и систем кој што функционира. Но во Волноваха и Мариупол, а посебно во Мариупол, хуманитарната ситуација е тешка и сложена. Жителите таму преживуваат како резултат на хуманитарната и медицинската помош од Русија. Се прават обиди за да се пушти економијата, односно тоа што може брзо да се стави во функција, трговијата, железницата и пристаништето, градежништвото.

Во градовите Бердјанск, Мелитопол и Енергодар животот тече нормално. Работат клучните институции. Започната е трговија со Русија и со Донбас. Во сите градови кои што се ставени под контрола на руската, доњецката и луганската армија, се создадени воено-цивилни власти, институции и органи. Се работи на создавање на банкорско финансиски систем.

Како очекувате да заврши оваа војна и дали можеби ќе бидеме сведоци на продолжен конфликт?

-Факт е дека генералните воени планови и на Русија, но и на Украина (НАТО) доживееја фијаско. Русија не се надеваше на таков силен отпор од страна на украинската армија, додека Украина и Западот се надеваа дека како резултат на жестоките санкции, руската економија ќе крахира, а руските олигарси, како и воениот врв ќе извршат државен удар. Но ништо од тоа не се случи. И покрај тоа што против Русија се воведени над 9 000 различни санкции, руската економија не крахираше, и докажа дека истата била подготвена за такво сценарио. Но тоа е на кратки стази, што ќе се случи на долги стази тешко е да се прогнозира. Но факт е дека како резултат на војната во Украина, на светот му се заканува глад, а светската економија ја чека рецесија и голема инфлација. Сето тоа ќе доведе до војни и конфликти ширум светот.

Мое мислење за исходот на војната е дека Битката за Донбас која што е во тек ќе го реши победникот, или ќе ги принуди Русија и Украина да седнат на преговарачка маса и да склучат мировен договор. Иако потешко и побавно од очекувањето, руската армија со помош на доњецката и луганската армија напредува на Донбас. Постои можност после ослободувањето на регионот Донбас, Русија да објави некој вид на крај на војната, односно на „специјалната воена операција“. Но не е исклучено и преминување на војната во сириско сценарио, што би имало ужасни последици за сите.

Каква е во моментов ситуацијата во Москва?

-Ситуацијата во Москва е нормална, засега се функционира нормално. Во маркетите и во продавниците рафтовите се полни, иако има инфлација, како и низ целиот свет. Војните се дел од руската историја и генетика, и за последните 30 години Русија учестуваше во воени операции во Чеченија, во Грузија, и во Сирија. На почетокот имаше граѓански протести, кои што брзо спласнаа. Виновник за тоа е Западот, кој што со својата русофобија без граници, и војната против се што е руско на Запад, почнувајќи од музиката, културата, науката, историјата, па и кон русите кои што живеат на Запад, ги принуди русите во Русија да се обединат и да застанат зад својата држава. Како резултат на тоа најголем дел од либералните граѓани и активисти ја напуштија Русија. Најверојатно ќе продолжи одливот на мозоци од Русија.

Б.М.

Слични содржини