Трамп бара да се објави идентитетот на свиркачот

од Vladimir Zorba

Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно побара да се открие идентитетот на свиркачот, кој го поттикна процесот за негово отповикување и, според неговиот адвокат, подготвен е да одговори на прашањата на Републиканците.

„Свиркачот е толку грешка, што мора да излезе од сенките“, објави американскиот претседател на Твитер.

„Лажните медиуми знаат кој е тој, но бидејќи им служат на демократите, тие не сакаат да кажат“, додаде тој.

„Објавете кој е свиркачот и прекинете ја оваа лакрдија еднаш засекогаш“, додаде потстанарот на Белата куќа, кој повеќе пати го доведувал во прашање кредибилитетот на сведоците.

Во некои конзервативни медиуми, едно име се споменува веќе неколку дена, и покрај прописите за заштита на свиркачите, републиканските пратеници ги поддржаа овие написи, со споделување на Твитер.

Доколку тоа е неговиот вистински идентитет, тој е поддржувач на поранешниот демократски претседател „Обама што го мрази Трамп“. „Тој е радикал“, рече милијардерот во Њујорк пред новинарите подоцна истиот ден.

Свиркачот, член на разузнавачката заедница, кој некогаш работел во Белата куќа, летово предупреди за содржината на телефонскиот разговор во кој Доналд Трамп побара од украинскиот колега да испита еден од неговите демократски ривали – Џо Бајден.

Неговиот извештај, објавен во септември, ја поттикна администрацијата на претседателот да објави транскрипт од разговорот.

Демократите, уверени дека имаат докази за „злоупотреба на службената должност на претседателот“, започнаа истрага на 24 септември за импичмент во Претставничкиот дом, каде што се во мнозинство.

Потоа, тие сослушаа десетици сведоци зад затворени врати, кои малку по малку потврдија дека најблиските соработници на претседателот преземаат чекори да го принудат Киев да им обезбеди компромитирачки информации за Џо Бајден, неговиот потенцијален ривал на претседателските избори во 2020 година.

Адвокатот на свиркачот, Марк Заид, сподели за Си-Би-Ес дека неговиот клиент сака кон неговиот исказ да се пристапи „непристрасно“ и дека е подготвен да одговори „писмено и под заклетва“ на прашања од пратениците на републиканците.

Според него, главниот инспектор на разузнавачката служба би можел да го потврди неговиот идентитет, што ќе ги „задоволи“ републиканците и ќе ја заштити неговата анонимност.

Слични содржини