Трамп за исчезнатиот новинар: Се чини дека е мртов, последиците по одговорните ќе бидат многу остри!

од desk2

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека „навистина се чини“ дека исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги е мртов.

Американскиот претседател порача дека последиците по Саудијците „мора да бидат многу остри“ ако се докаже дека тие го убиле новинарот. Трамп претходно предупреди дека Саудиска Арабија ќе се соочи со „тешка казна“ доколку се утврди дека Ријад стои зад убиството на новинарот во конзулатот во Истанбул.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео во текот на вчерашниот ден го запознал Трамп со резултатите од посетата на Саудиска Арабија каде што беше пред два дена со цел да разговара со саудиските власти за исчезнувањето на новинарот.

Американските власти соопштија дека на Саудијците „им даваат неколку дена“ да го расветлат исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги на кој што му се губи трагата од 2-ри октомври кога за последен пат е забележан како влегува во зградата на саудискиот конзулат во Истанбул.

„Треба да им оставиме уште неколку дена за да ја спроведат истрагата“, изјави Помпео после состанокот со Трамп по неговото враќање од Ријад.

Турските власти откриваат дека новинарот е убиен и дека неговото тело било распарчено во конзулатот на Саудиска Арабија, додека пак саудиските власти негираат било каква вмешаност во евентуално убиство, иако јасно е дека Кашоги влегува во конзулатот, а нема докази и дека си заминал од зградата.

Инаку, Турција и Саудиска Арабија водат одвоени истраги околу случајот со исчезнатиот новинар, додека целиот свет го очекува епилогот.

Слични содржини