Тродневна жалост во Црна Гора, познат мотивот за масакрот во Цетиње

од Берта Китинска

Владата на Црна Гора вечерва ќе прогласи тридневна жалост за големата трагедија што денеска се случи во Цетиње, најави премиерот Дритан Абазовиќ.

Ова го објави на Телеграм, откако денеска во населбата Медовина во Цетиње, во близина на Владата, загинаа 11 лица, а шестмина беа повредени.

Според извори на Телеграф, убиецот Вук Бориловиќ, масакрот го извршил по расправија со семејство кое живеело кај него како потстанари, откако претходно настанала кавга за нерасчистени сметки и доцнење со исплаќањето на киријата.

Телеграф пишува дека Бориловиќ ја притискал жената која била потстанар да ги исплати сметките што е можно поскоро, по што жената се пожалила кај нејзиниот сопруг, кој бил на пат. По овие настани, некаде околу 16 часот во куќата пристигнал пријател на семејството, по што настанала расправата, а Бориловиќ најпрвин посегнал по животот на семејниот пријател, а набрзо пукал и го убил и семејството кое живеело во куќата, за на крај да излезе на улица каде започнал да пука во случајни минувачи. Напаѓачот наводно ја спречувал брзата помош да им пријде на жртвите пред да биде убиен од страна на полициските сили. Според информациите, до скоро, Бориловиќ се лечел во психијатриска установа.

Во масакрот во Цетиње според неофицијални информации настрадаа 11 лица, меѓу нив и деца а повредени се најмалку 6, од кои три се потешко повредени и се наоѓаат во Општата болница Цетиње. Тие се на одделот за хирургија и лекарите се борат за нивните животи.

Слични содржини