Трошановски: Mинистерствата без ресор се непотребен расход во анемичниот државен буџет

од Берта Китинска

Владата е навидум стабилизирана, но не сум сигурен дека ривалството нема да ја разниша. Пред се Алтернатива има опција да ја делигимитира ДУИ или да се претопи, што би значело нејзино дефакторизирање на следните избори, вели во разговор за „Локално“, полтитчкиот аналитичар Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис.

Според него ваквиот контекст на несогласувања ќе избијат порано или подоцна без разлика што веќе ресорите се распределени и навидум оваа ситуација на никој не му пречи, додавајќи дека во зависност на расплетот на настаните опозицијата доколку смогне сила би можела да ја бутне владата.

-Алтернатива капитализираше максимално од својата „одлучувачка“ улога за преживување на оваа влада, но тоа може да ја чини политичка маргинализација понатаму. Помалите коалициони партнери до сега ќе излезеа од владата да имаа таква намера. Дури и да не добијат нови или новосоздадени позиции секако нема да ја загрозат. Она што е далеку поважно е граѓаните да се фокусираат на деструктивноста од ваквиот начин на водење политика, а не да го земаат за нормалност и да дисктуриаат кој изгубил, а кој добил во овој политички пазар, објаснува Трошановски.

Тој смета дека Алтернатива во ситуацијата ќе излезе како најголемиот губитник на среден рок.
-Таа нема голема гласачка база која би ја подржала без оглед на се, само поради тоа што и овозможила вработување или друг клиентелистички бенефит. Нејзините подржувачи начелно гледаа критично кон ДУИ и нивната политика, за сега да разберат и прифатат како од еднаш тоа стана прифатливо и државен интерес. Оттука чекаме да ја согледаме додадената вредност во програмски аспект која оваа коалиција ја овозможи. Алтернатива секако можеше да подржи и малцинска влада без да настапува профитерски во преговорите, доколку ЕУ интеграцијата беше главна причина, подвлекува аналитичарот.

За тоа дали е време да им се стави крај на министерствата без ресор , бидејќи освен политичарите, граѓаните немаат придобивка од нив, аналитичарот објаснува дека сите овие позиции се непотребни.

-Не само ваквите министерства, туку и советничките позиции по секакви основи, членови на одбори во јавни и државни претпријатија. Сетоа тоа се непотребни расходи и во и онака анемичниот буџет. Клучно е дека до сега луѓето во овие министерства, јавни претпријатија без реална причина за постоење и сл. не носат никаква одговорност. На почетокот министрите добија т.н „мандатни писма„ кои трба да се свечени заклетви за мисијата и целите кои тој ресор треба да ги постигне. Но нивата содржина нема мерливи индикатори по кои ќе судиме (ние или мандаторот) кој потфрлил, а кој успеал. Внатре е збир на генерални заложби кои секој може да ги оправда или критикува во зависност од потребите, подвлекува аналитичарот додавајќи дека управните и надзорните одбори на јавните/државните претпијатија ги именуваат главните партиски кадровници и тие не се бираат по заслуги и компетенции.

-До сега нема случај дека некој бил разрешен уште помалку кривично одговарал за уништување на нашата сопственост, задолжувањата и партиската превработеност: АД пошта, Македонски железници, ЈП за државни патишта, Македонски шуми, МЕПСО, ЕСМ и ред други. Сведочиме на колективно разграбување на државниот капитал и даноците кои ги плаќаме- најблаго кажано „страшно недомаќинско работење„ кое останува несакцинирано. И додека ние зборуваме за дневно партиски шоу бизнис, овие пракси си тераат во позадина и се засилуваат се повеќе, вели Трошановски.

Во врска со позициајта на Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ и иницијативите кои беа покренати за негова смена, Трошановски вели дека партијата е правно устроена да не дозволува лесна смена на лидерот.

-Во ВМРО традиционално секоја промена на лидерот носи внатрешни превирања и фракции, но на Мицковски му успеа да ја консолидира својата позиција и да ги врати неистомислениците во неговата политичка орбита. Партијата е правно устроена да не дозволува лесна смена на лидерот, а со малку сенс за инклузивност и обединување, а по последниот успех на локалните избори тој ги обезгласи и тие неколку противници што преостанаа, смета политичкиот аналитичар.

Според Трошановски новиот лидер на СДСМ треба да биде спремен за добро владеење и да не дозволува дуалност при водењето на владата.

-Последните статутарни измени ако не друго гарантираат дека новиот лидер ќе биде најдемократски избран од сите партиски членови, а не од делегати и тоа е за поздравување. Кој и да биде, мора да е бескомпромисен во заложбите за квалитетни кадровски решенија, да е спремен и да изгори во борба против корупцијата и добро владеење,да не дозволува дуалност во водење на владата, а и да се посвети на ослободување на судството од партиски влијанија. Продолжување на досегашните пракси, неминовно ќе го продолжи надолниот тренд на партијата и ќе ја остави долго во опозиција, објаснува тој.

За тоа дали политиката „Едно општество за сите“, која ја туркаше Заев, ќе продолжи да се развива или со неговото заминување ќе дувнат некои „нови ветришта“, според аналитичарот овој моделот почнал како визионерска концепт кој требало да го консолидира мултиетничко општество, но никогаш не профункцинира и се извитоперил во квази консоцијален модел.

-Не сме сите индивидуално еднакви без оглед на етничката припадност, туку сите сме еднакви во нашите етнички трла. Воведување на врзани потписи помеѓу македонски и албански директори, етничка припадност на лични карти, актуелната територијална поделба по етнички клуч, етничко заробување на делови од системот, изборниот модел што потикнува етнички поделби… Сето тоа полека (или веќе можеби и забрзано) не носи кон длабока криза и дезинтеграција на државните институции. Инструментите кои требаше да овозможат правична застапеност (нз. Охридскиот рамковен договор -ОРД) ја исполнија својата цел. Последниве години се претворени во инструмент на полнење институции по етнички клуч (министерството за политички систем на пр.) или во своевидна карикатура каде етничката припадност се третира како припејд карта за вработување, та македонци стануваат албанци или срби, албанците стануваат македонци за да се пополни квота- нема никаква смисла, само штета. За жал има малку интелектуалци кои не го фетишизираат ОРД и уште помалку политичари кои го разбираат концептот едно општетство за сите, објаснува Трошановски.

Според него дел од владејачката партија и неколку помали партии, се придржувале до моделот додека пак сите останатите воделе претежно етнички политики.

-Концептот „едно општество за сите“ е еден од предусловите за македонското општество да просперира, но очигледно сега не му е времето, а најлошо ќе е ако тоа време никогаш не дојде.Кога нешто ја исполнило својата историска улога и ја корегирало неправдата кон помалите заедници во МК, треба да престане да биде принципи на водење политика за да не ни се случи целосна инстиуционална нефункционалност по пример на Босна. Секако, отпорт за такво нешто тука е огромен, особено од партиите кои во Бандитер и ОРД наоѓаат сигурно поле на постојана мобилизација на гласови на етнички теми. А секако и дел од нашите сограѓани не можат да ја согледаат штетата која овој пристап почнува да ја прави врз нашето општество, објаснува тој.

Б.М.

 

Слични содржини