Уапсен инспектор на Грчките железници поради несреќата во која загинаа 57 лица

од Stefanija Kuzmanovska

Инспектор на Грчките железници денеска доби кривична пријава и му е одреден притвор, повеќе од еден месец по најтешката железничка несреќа во грчката историја во која загинаа 57 лица, дознаваат судски извори.

Главниот инспектор на железничката станица Димитрис Николау (63) бил на должност во моментот на несреќата и е обвинет за „нарушување на безбедноста на сообраќајот“ што предизвика смрт на многу луѓе, како и убиство од небрежност, рече изворот.

Во сударот на патнички и товарен воз на 28 февруари загинаа 57 лица, десетици беа повредени, а девет лица се уште се на болничко лекување.

Николау е вториот притворен во овој случај и може да биде осуден од десет години затвор до доживотен затвор.

Во притвор е и шефот на железничката станица каде се случи дефектот, Василис Самарас (57). Тој ја призна одговорноста за директниот судир на патнички и товарен воз во Темпе, во близина на градот Лариса.

Двајца други раководители на железничка станица кои беа на должност вечерта на 28 февруари добија кривична пријава затоа што предвремено ги напуштиле работните места и оставиле помалку искусни вработени. Двајцата беа пуштени на почетокот на неделата со кауција од 10.000 евра и мора да се јавуваат во полиција двапати месечно.

Покрај одговорноста на раководителите на станиците, оваа железничка несреќа, најголемата досега во Грција, укажа и на хронични недостатоци и доцнења во модернизацијата на безбедносните системи.

Слични содржини