Училишните клупи од 1.септември повторно празни?

од Берта Китинска

Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава. Изработката на документот е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19.

„Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност“, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.

Концептот за далечинската настава ќе се базира врз домашни документи, но и странски искуства. Појдовна основа ќе биде “Стратегијата за образование 2018-2025”, во која учењето од далечина нема добиено преодна оценка:

“И покрај тоа што за сите основни и средни училишта се обезбедени персонални компјутери достапни за сите ученици, примената не е доволно ефективна. Недостасуваат стандарди за користење во образовниот процес, а сите наставници не се доволно обучени”, се вели во овој документ.

Според министерот за здравство, Венко Филипче, мора да бидеме свесни апсолутно сите, дека ако не се придржуваме до мерките и има зголемена трансмисија на вирусот и поголем број пациенти, повторно ќе се воведат рестриктивните мерки.

Колку повеќе ги почитуваме мерките и колку повеќе граѓани носат маска, како што наведува Филипче, го сведуваат на минимум ризикот од пренос на вурусот. Есента е апсолутно ризичен период, не само за нас, туку и за сите земји.

„Есенските месеци лично сметам дека ќе бидат голем ризик за влошување на ситуацијата со тоа што отворање на градинки, училишта и повторно поголема комуникација меѓу младите луѓе е дополнителен ризик и затоа и се овие подготовки, на дополнитени кревети, надвор од сегашните болнички капацитети. Таа повторна фревенција на дружење на младите во школите и во градинките. Есенските месеци со поладно време, неможноста граѓаните да чекаат ред надвор, е се дополнителен ризик“, посочи Филипче.

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.

Слични содржини